Се евакуираат деветмина македонски државјани од Турција од регионот погоден од земјотресот

Дипломат од македонската амбасада во Анкара е упатен кон турскиот регион погоден од разорниот земјотрес. Тој треба да организира евакуација на осумтемина македонски ученици, меѓу кои и двајцата повредени, како и на нивниот ментор, информираат од Министерството за надворешни работи.

-По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции, соопштија од МНР.

Двајцата повредени се дел од групата ученици кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Турција. Министерството за надворешни работи веќе, преку амбасадата во Анкара и генералниот конзулат во Истанбул, обезбеди информации и стапи во контакт со деветмината македонски државјани кои се наоѓаат во загрозениот регион.

Според објавата на МНР, едниот од повредените ученици е со потешки повреди, скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање, додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и менторот не е во животна опасност.