Се крие инцидент со насилство на син на битолски полициски началник?

Син на началник на СВР Битола предизвикал инцидент во четвртокот кој во дневниот интерен билтен е заведен со минимизирање на квалификациите за делото, велат за НетПрес полициски извори.

Како што прецизираат соговорниците, инцидентот се случил во четвртокот околу 12,30 часот кога началниковиот син Леонардо Бошковски, со неговиот автомобил „алфа ромео“ на улицата „8-ми Септември“ го претекнувал возилот „голф“ кое било управувано од лице кое нашите извори го идентификуваат со иницијалите Ш.А., по што го принудил да запре и со раката ја скршил шофершајбната од неговото возило. Според изворите, во билтенот овој инцидент е заведен само како оштетување туѓи предмети, а би требало да биде воден како насилство.

Инаку ова не е прв инцидент во кој е инволвиран синот на Вангел Бошковски, за кој во Битола се шпекулира дека наводно е именуван со усна наредна од началникот на СВР Битола за одговорно лице на Одделот за спречување илегална трговија со наркотици и оружје, но честопати се доведува во наводна поврзаност токму во вакви недозволени дејствија. Но, исто така, се наведува дека тоа не е единствениот случај кога син на полициски началник во Битола предизвикува инцидент, за кој нема епилог.

Така, на самиот крај од минатата година новинарот Зоран Божиновски објави информација дека синовите на началници во СВР Битола предизвикале тешки сообраќајни несреќи.

Божиновски тогаш на својот Фејсбук профил објави информација дека син на началникот на крим-полицијата Битола, предизвикал сообраќајна несреќа додека бил под дејство на алкохол и дрога.

Божиновски, воедно објави фотографии и полициска белешка од настанот.

„НАРКО ДЕЧИЊА НА НАРКО НАЧАЛНИЧИЊА
Синот на Началникот на крим полицијата Битола, Николче Ѓоргиевски, со БМВ х6 ДОЦНА СИНОЌА, пијан и ДРОГИРАН предизвикал страшна сообраќајна незгода со повеќе возила.

Пред некој ден синот на Вангел Бошковски, началникот за дрога, Леонардо Бошковски изгазил жена кај болницата во Битола…“, напиша тогаш Божиновски.