Се намалува бројот на активни и починати лица од коронавирусот

Во текот на оваа недела забележан е намален број на починати лица од коронавирусот во земјава. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, вчера се направени 4.962 тестирања, регистрирани се 344 нови случаи на Ковид-19, а починати се шест лица.

Заклучно со вчерашните податоци, во Северна Македонија има 6.967 активни случаи, од кои најголем број се во Скопје – 3.461, потоа во Куманово – 629, а на трето место е Тетово – 186.

Поради намалениот број случаи на коронавирусот, Република Бугарија од денеска ги повлекува рестрикциите за македонските државјани, со што од црвена, Северна Македонија е преместена во портокалова зона.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на својот фејсбук-профил информираше дека македонските државјани ќе можат да патуваат за Бугарија само ако имаат сертификат за вакцинација, со поминати 14 дена од втора примена доза, сертификат за прележан Ковид, што важи од 11-тиот до 180-тиот ден од денот на оздравување или негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа.

Состојбата во градинките за сега е стабилна, изјави вчера министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

– Согласно последните бројки, има само девет позитивнивни вработени и шест деца што значи состојбата е стабилна, појасни Шахпаска.

За сега, според Шахпаска не е потребен скрининг со брзи тестови за Ковид-19 во детските градинки. Посочи дека значајно е оти 76 проценти од сите вработени во градинките се вакцинирани, воспитувачите и негувателите се вакцинирани во многу повисок процент некаде до 78, 80 проценти, како и останатиот помошно технички персонал.

Од друга страна, од следната недела околу 8.200 ученици од основните и средните училишта ќе бидат тестирани за присуство на Ковид-19 со земање брис. Тестирањето ќе се одвива по случаен избор од регистарот на Е-дневникот и ќе биде со согласност на нивните родители.

Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека скринигот е планиран да трае пет дена, а дневно да бидат тестирани по околу 1.600 деца, во самите училишта од мобилни екипи. Тестирањето во средните и основните училишта се организира се со цел да се добие податок за евентуална тансмисија на вирусот во училиштата.

Околу 75 отсто наставници во училиштата се вакцинирани, а настава на далечина следат околу два процента од учениците, според податоците на Министерството за образование и наука.

Податоците на Министерството за здравство, покажуваат дека опфатот со вакцинација со една доза на полнолетната популација е 47, а со две дози 44 проценти. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 проценти примила две дози вакцина.

Од петокот е затворен пунктот во салата „Борис Трајковски“ и сега за вакцинација функционираат седум поликлиники во рамки на Здравствениот дом Скопје, во две смени. Филипче претходно оваа недела информираше дека вакцини има доволно – на располагање се околу 260 илјади дози „Фајзер“, 45.000 дози „Синовак“, 100 илјади дози „Астра Зенека“.

Трета доза „Фајзер“ им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни. Следејќи ги искуствата на европските земји и САД, Комитетот за имунизација препорача трета доза не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од Ковид-19, поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести.

Според резултатите од истражувањето на Евробарометар, четири земји-членки на Европска Унија – Бугарија, Литванија, Хрватска и Словенија се најнезаинтересирани за вакцинација против Ковид-19. Околу 25 отсто од испитаниците во овие држави изјавиле дека никогаш нема да се вакцинираат. Во Бугарија нивниот процент е 26, во Литванија и Словенија – 24, а во Хрватска 22 отсто се изјасниле дека не сакаат да се вакцинираат.

Повеќе од половината испитаници во 22 земји-членки на ЕУ потврдија дека сакаат да се вакцинираат што побрзо или дека веќе се имунизирани. Најмногу вакцинирани се во Малта, Холандија и Ирска – 87 проценти, потоа следат Белгија – 86, Шпанија – 85, Шведска – 84 и Данска со 83 отсто.

Досега во Северна Македонија се направени вкупно 1.319.879 тестирања за Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 194.575, бројката на оздравени пациенти е 180.791, на починати е 6.817.