Се намалува долгот на Општина Тетово, вели Касами

Општината, ја затекнавме со над 14 милиони евра долг. Како резултат на успешното менаџирање на општинските финансии, успеавме да исплатиме над 3 милиони евра од наследениот долг, но во исто време, имајќи го предвид фактот дека продолживме со зголемен интензитет со реализација на инфраструктурни проекти кои имаат вредност од над 2 милиони евра, нето долгот на општината е намален за околу 1 милион евра и денеска изнесува околу 13 милиони евра, рече на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами .

„Наследивме општина оставена во хаос, со куп проблеми, блокирана сметка и 24 милиони евра долг, несметајќи ги овде и казнените камати за долговите кои се на извршител. Само на име казнена камата, во текот на оваа година, извршителите од општината изнудиле близу 1 милион евра. Го објавивме наследениот долг затоа што граѓаните имаат право да знаат каде се трошат нивните пари“, рече Касами.

Тој додаде дека намалувањето на долгот е резултат на упорноста и максимална посветеност.

„Последиците од недомаќинското раководење на поранешната локална власт со општина Тетово спречија да реализираме повеќе проекти кои ги планиравме. Тука се и тековните притисоци и опструкции од централната власт, која не ни одговори позитивно на ниту еден повик за помош. Но, и покрај се, нашата упорност и работа дава резултати. Денеска имаме општина со вратен дел од долгот и многу нови проекти“, рече Касами.

Тој додаде дека за една година ја имаат добиено довербата од граѓаните и плаќањата и обврските кон општината имаат постигнато значително подобрување во однос на претходните години.

„Сопствените приходи на општината за 10 месеци се остварени за речиси 120 отсто односно 160 милиони денари од планираните 135 милиони денари. За една година од кога раководиме со општина Тетово, имаме остварено личен доход во износ од над 200 милиони денари, речиси 85 милиони повеќе од она што го оствари претходното раководство за истиот временски период“, информираше Касами.