Се очекува доцна попладне Џафери да ги распише претседателските избори

Претседателот на парламентот Талат Џафери денеска доцна попладне, како што е најавено, треба да ги распише шестите претседателски избори, по што почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, за што ДИК треба да донесе роковник. Првиот круг, според најавите, треба да се одржи на 21 април, а втората и одлучувачка рунда на 5 мај, кога ќе треба да се обезбеди излезеност од минимум 40 проценти од запишаните гласачи за изборите да бидат успешни.

Вториот мандат на актуелниот претседател Ѓорге Иванов истекува на 12 мај. Спроти закажувањето на изборите, најголема неизвесност владее околу тоа кој ќе биде кандидатот на СДСМ за петти претседател на државата. Ситуацијата во ВМРО-ДПМНЕ, пак, е почиста, со оглед на тоа што се објавени имињата на можните кандидати што се пријавиле на внатрепартискиот конкурс. Професорката Гордана Силјановска се споменува како најсериозен претендент за функцијата, но таа сепак прво ќе треба да добие мнозинска поддршка од делегатите на ВМРО-ДПМНЕ, на конвенцијата најавена за 16 февруари.

Од СДСМ, пак, доаѓаат најави дека можните кандидати за шеф на државата ќе произлезат главно од базата, во рамки на постапката за евидентирање во месните, а потоа и во општинските организации. Партиското членство треба да ги даде своите предлози, кога е веќе речиси извесно дека никој од оние што се споменуваат како најсериозни можни кандидати не планира да се самокандидира на огласот што го објави СДСМ. Всушност, како што објаснуваат од партијата, постапката за самокандидирање е предвидена со статутот на СДСМ и важи за сите изборни циклуси, како и за партиските функции. Сепак, самокандидирањето на е услов за да се добие номинацијата.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска изјави во средата дека не верува во принципот на самокандидирање.

Не верувам во самокандидатури, исто како што не верувам дека претседател треба да се избере како избор за најдобар автомобил или производ. Нашиот фокус е да ги решаваме проблемите, кој каде ќе биде е второстепено. Успеавме само затоа што работевме заедно, а не како кандидати за нешто идно – изјави Шекеринска.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера не сакаше да коментира околу внатрепартискиот оглас, а шефот на дипломатијата Никола Димитров и координаторот за НАТО, Стево Пендаровски, сè уште не беа вратени од Брисел. Конгресот на СДСМ за избор на претседателски кандидат е најавен за 3 март. Во досегашните изборни циклуси за шеф на државата, социјалдемократите секогаш излегуваа со еден кандидат на партиската конвенција.

Шекеринска, која е заменик-претседател на СДСМ, изјави вчера дека во партијата течат процедурите за избор на кандидатот.

Во меѓувреме, течат дискусии, консултации и анализи, а сега сме фокусирани на главните државни прашања – изјави Шекеринска.

За изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, дека нема да го поддржи кандидатот на СДСМ, Шекеринска рече дека за неа коалициите се партнерства и оти никој никому не може да му даде бланко поддршка.

-Не само со нашиот владин коалициски партнер туку и внатре во нашата коалиција со која настапивме на изборите ќе имаме отворени разговори со сите партии. Не веруваме во приврзоци туку веруваме дека коалициите и партнерствата се да се сослушаме, да разговараме и да го најдеме најдоброто решение – не за Владата туку за Македонија – рече Шекеринска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.