Се очекува одлука од Грција за обнова или поништување на забраната за влез на македонски граѓани

204

Одлуката на Грција за привремено ограничување на сите авионски, железнички и копнени поврзувања со Македонија, како и забраната за влез на грчка територија на македонски државјани, објавена на 15 јули истекува денеска, а засега, нема информација за нејзино продолжување или поништување, јави дописничката на МИА од Атина.

Ограничувањата, „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија“ се за временскиот период од 16 јули до 31 јули 2020 година и се однесуваат, освен на  Македонија, и на Албанија и на Турција.

За конкретната министерска одлука, како и за копнените граници и евентуалното нивно отворање за државјаните на соседните земји, портпаролот на грчката Влада  Стелиос Пецас, на вчерашниот брифинг со новинарите одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина рече дека овие теми биле дел од состанокот на Мицотакис со епидемиолозите и надлежните министри.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, веројатно е дека ќе се обнови и продолжи друга министерска одлука што се однесува на забрана за влез во Грција на државјани од трети земји, а ќе важи во следните две седмици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.