Се појави Заев: На бизнис форум во Сараево објаснува како да им се помогне на граѓаните во криза

Кризата бара сериозни промислувања и сериозни одговори за да може да им се помогне на економиите, а со тоа на граѓаните, порача поранешниот премиер Зоран Заев во објава на Фејсбук, по учеството на Сараево бизнис форумот, каде се обрати на првиот панел и беше член на жирито за наградите.

-Чест ми е што учествував на Сараево бизнис форум 2022, како говорник на првиот панел, но и како член на жирито кое ја направи селекцијата на годинашните добитници на награди за придонес кон подобрување на регионалната бизнис клима и за создавањето идеи кои носат економски развој. Доделивме признанија за најдобар бизнис и најдобар нов бизнис, за општествена одговорност, за најдобра инвестиција, за најдобар БиХ бренд амбасадор и за најдобар бизнис потег на годината, наведе Заев во објавата.

Тој дополнува дека во време на економска криза предизвикана од Ковид-19 која веќе се спојува со последиците кои ги носи руската агресија врз Украина, ваквите бизнис форуми се особено важни. Кризата, потенцира, бара сериозни промислувања и сериозни одговори за да може да им се помогне на економиите, а со тоа на граѓаните.