Се олеснува постапката за поврат на ДДВ за увоз на стока

Директорот  на Царинска управа, Ванчо Каргов и директорот на Управа за јавни приходи, Горан Трајковски, информираа за новиот воспоставен ИТ систем за размена на информации помеѓу двете институции со цел олеснување на постапките за поврат на  ДДВ за увоз на стока.

Благодарение на новиот систем за размена на податоци компаниите веќе нема да мораат да ги доставуваат документите за увоз на стока издадени од Царинската управа во постапките за поврат на ДДВ во Управата за јавни приходи.

Поедноставување на административните постапки кои компаниите ги спроведуваат преку органите на управата – Царинската управа и Управата за јавни приходи е овозможено преку воспоставената електронска размена на податоци помеѓу двете институции.

Досега од компаниите се бараше одредени документи издадени од Царината да ги достават во хартиена форма до УЈП, но отсега даночниците ќе можат да ги следат податоците од тековните системи на Царинската управа, и тоа: за одобрено одложено плаќање на ДДВ, за извршен увоз, за извршен извоз, од Единствен царински документ (ЕЦД), за список на Единствен царински документ (ЕЦД) и за регистриран излез на стоки од Македонија.

Податоци добиени преку електронската размена со царинските власти, Управата за јавни приходи ќе ги користи при: утврдување, наплата и поврат на ДДВ, постапка на канцелариска и инспекциска контрола кај даночни обврзници, водење на посебни постапки, утвдување на ризици, анализа на податоци за потреби на менаџерски извештаи.

 Во текот на декември 2013 година, УЈП започна со примена на овие сервиси, со што е овозможено избегнување од приложување на овие податоци во хартиена форма од страна на економските оператори, при спроведувањето на инспекциските контроли од страна на даночниците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.