Се отвори нова фармацевтска паралелка, наставата ќе се одвива во училиште и во „Алкалоид“ 

Паралелката Фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија е промовирана денеска во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов во Скопје. Станува збор за ново занимање кое е прво во земјава и во регионот.

– Министерството за образование (МОН) ја отпочна кампањата „Учи паметно, работи стручно“ како одговор на потребите на стопанството, а воедно и како резултат на дефицитот на стручни работници во компаниите во национални рамки. Во проектот дуално образование се вклучени 46 средни стручни училишта кои ќе понудат голем број различни струки кои одговараат на потребите на локалниот пазар на трудот. Следејќи го овој тренд минатата година беше формирана работна група која ја креираше наставната програма за новото занимање „Фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија“. Наставната програма е адаптирана на потребите на секторот фармацевтска индустрија и е наменета за учениците од трета и четврта година од секторот здравство и здравствена заштита во средното стручно образование – рече премиерот Зоран Заев на денешната промоција на паралелката.

Од многубројните пријавени биле селектирани 23 најдобри ученици за новоформирата паралелка. Наставата ќе се одвива во училиштето и во Алкалоид АД Скопје, а ќе ја водат стручни наставници и сертифицирани ментори.

– Тоа значи дека учениците ќе бидат директно вклучени во работниот процес со што ќе се стекнат со потребните практични знаења, вештини, компетенции што ќе им овозможат вработување по завршување на средното образование. Компанијата ќе обезбеди заштитна опрема, систематски прегледи, топол оброк и месечна стипендија од по 3.000 денари за секој од овие ученици во текот на нивното школување. Визијата на Владата и на МОН се потврди како блиска и привлечна за младите кои многу брзо ја препознаа шансата. Дури 64 проценти од запишаните ученици го одбраа средното стручно образование – рече Заев и на сите ученици им посака успешна учебна година.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска рече дека низ годините компанијата „Алкалоид“ остручила многу генерации.

– Како Министерство со поддршка на премиерот Заев почнавме социјален дијалог на почетокот на оваа календарска година со Стопанската комора каде утврдивме дека МОН треба да има силна активност за преговарање со компаниите кои струки, кои профили треба да се отворат доколку во моментот не постојат или да се зајакнат постојните со цел младите да добијат поквалитетно знаење и знаење кое доаѓа преку работа и искуство во компании за понатаму да може полесно да се вработливи и директно да се вклучат на пазарот на трудот. Целата таа активност даде одлични резултати. Учениците знаат што сакаат, што им треба, а наша обврска на сите кои имаме одредени функции е да ги задоволиме тие потреби за да останат во државата и за да гледаат својата иднина. Ги прашав што е тоа што го очекувате од оваа програма, тие ми рекоа знаење – истакна Царовска.

Целта на дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ е да се склучат договори со компании за отворање дуални паралелки многу повеќе од минатите години кога имало само десет. Денес има повеќе од 1.384 ученици во 97 дуални паралелки, склучени договори со повеќе од 200 компании во 44 училишта. За шест проценти е зголемен бројот на ученици запишани во средните стручни технички училишта.

Директорката на средното медицинско училиште, Маја Салиу, рече дека иницијативата и проектот потекнал од Алкалоид АД Скопје, а со поддршка од МОН се изработиле комплетно нов наставен план и програма.

– Паралелката е парцијално дуална и комбинирана и делумно ќе се одвива наставата во компанијата од сертифицирани ментори и делумно со наши професори – додаде Салиу.

Раководителот на човечки ресурси и координатор на проектот од Алкалоид АД Скопје, Никола Евтимов, рече дека во процесот за реализација на проектот и за почетниот час мора да им се оддаде признание за посветеноста на професорите од училиштето и на менторите од компанијата и на МОН бидејќи во краток период и со тимска заложба успеале да создадат наставна програма.

– Проектот ќе се одвива во наредните две години – истакна Евтимов и на учениците им порача дека посветеноста што ќе ја препознаат кај менторите кои ќе работат со нив треба да им служи за пример како со трудољубивост и посветеност може да се дојде до успех, како да се дојде до потребните знаења и како да се овозможи да се има кариера во една од најдобрите компании во земјата.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека наставната програма е специјално креирана за ученици од трета и четврта година во училиштето од секторот за здравство и здравствена заштита.

– Наставата ќе се одвива во просториите на училиштето и во просториите на компанијата Алкалоид АД Скопје од стручни наставници и сертифицирани ментори. Учениците во практичниот дел од наставата ќе бидат директно вклучени во работниот процес на компанијата со што ќе се стекнат со посебни знаења и вештини кои ќе ги прават конкурентни на пазарот на трудот и со можност за вработување веднаш по завршувањето на средното образование. Целта на програмата е целисходно оспособување млади кадри за потребите на компаниите и зголемување на вредноста на средното образование – додаде Шилегов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.