Се отвори Унгарска национална трговска куќа во Скопје

„За нас, како земја домаќин, изборот токму во Република Македонија да биде отворена Унгарска национална куќа, наспроти останатите земји во регионот, пред сѐ значи чест и привилегија, но и можност за продлабочување на соработката преку проширување и унапредување на билатералната економска соработка меѓу Република Унгарија и Република Македонија“, истакна министерот за економија Беким Незири на денешното свечено отварање на Унгарската национална трговска куќа во Скопје.

Основана од страна на унгарската Влада и унгарската стопанска комора за трговија и индустрија, Унгарската национална трговска куќа претставува дел од новата стратегија  „Отворање кон исток“ и е насочена кон барање на нови пазари и нови можности за унгарските компании.

„Со отворањето и постоењето на Унгарската национална трговска куќа во Република Македонија се овозможува унапредување на економската соработка меѓу двете земји, преку реализирање на нејзината основна  цел – олеснување на контактите меѓу македонските и унгарските  компании и јакнење на меѓусебната деловната соработка. Во таа насока би сакал да им порачам на бизнисмените максимално да ја искористат оваа прилика и да започнат многу нови успешни приказни на соработка, а со тоа да воспостават и нови правци на трговската соработка“, подвлече Незири.

Според заменик министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто денешното присуство на министрите на овој свечен настан е доказ повеќе за приврзаноста на Владата  кон понатамошното унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Унгарија.

„Владата на Унгарија, исто така, се обврза да работи на унапредувањето на билатералните односи. Во нашата надоворешно-трговска стратегија, Република Македонија има значајно место. Унгарија располага со едно многу отворено стопанство и нашата надворешно-трговска стратегија во голема мерка влијае врз вкупните резултати на националното стопанство. За нас е многу важно успешно да настапуваме на пазарите на Средна Европа и на Западниот Балкан. И бидејќи со Македонија имаме изградено извонредни политички односи, ја сметаме за важен партнер на Унгарија. Република Мекдонја во изминатиот период постигна изнворедни економски резултати, и ова е добра шанса да ја унапредиме меѓусебната соработка, особено во делот на малите и средни претпријатија“, истакна Сијарто.

Тој изрази уверување дека соработката меѓу малите и средни претпријатија ќе биде мотор за подобрување и прогрес на меѓусебните економски односи, а задачата на оваа трговска куќа ќе биде да изгради што поефикасни и што подобри меѓусебни партнерски односи.

На церемонијата на отварањето присуствуваа и министерот за надворешни работи Никола Попоски, генералниот директор на Унгарската национална куќа Георги Керекес и Амбасадорот на Унгарија во Македонија, Јосеф Бенце.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.