Се подготвува анекс на Договорот со Бугарија!?

Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија сепак ќе претрпи одредени промени или дополнувања. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека македонската страна е подготвена да направи одредени прецизирани во однос на Договорот со Софија. За таа цел, како што појасни шефот на македонската дипломатија, се формираат работни групи од македонското и бугарското МНР кои ќе комуницираат на дневна основа за да се надминат разликите во очекувањата од Договорот.

„Во Софија разговаравме за сите прашања и за Договорот, при што констатиравме дека има разлики во очекувањата. Затоа се договоривме да се формираат работни групи од двете министерства за надворешни работи, кои на дневна основа ќе разговараат во однос на различните толкувања и дилеми. Мислам дека ние немаме проблем да направиме дополнително објаснување до бугарската страна дека новото име е во употреба, како и долгото, така и краткото, меѓутоа и краткото (Северна Македонија) и долгото, претставуваат иста територија, а тоа е Република Северна Македонија. Ако краткото име предизвикува загриженост во Република Бугарија, дека некој тоа може да го интерпретира како територијална претензија на историскиот регион Македонија, мислам дека ние немаме проблем да направиме дополнително објаснување до бугарската страна“, изјави Османи.

Претходно и премиерот Зоран Заев најави декларација со која што ми требало да се разјаснат дилемите во македонско-бугарските односи.

Софија очекува скоро решавање на историските прашања, а најголема камен на сопнување претставува ликот и делот на револуционерот Гоце Делчев.

Од ВМРО ДПМНЕ и денеска побараа јасен став од власта во однос на Делчев и објаснување зошто се подготвуваат нови договори ако со веќе потпишаните се затвориле сите спорни прашања со соседите, како што се тврдеше.

„Нели договорот што го потпиша со Бугарија беше гарант за нашата европска иднина? Од каде сега нови декларации и анекси на договорот? Се што кажа Зоран Заев пред три години кога го потпишуваше договорот со Бугарија беше лага и дел од една фаза на систематско рушење на нацијата. Вчерашната изјава дека е можна нова декларација која што ќе биде дополнување на договорот е разградување на нацијата и историјата на државата“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Ваквите напори за надминување на актуелните спорови на линија Скопје – Софија доаѓаат во пресрет на 10 ноември крајниот рок за усвојување на преговарачката рамка за Македонија, а потоа и одржувањето на првата меѓувладина конференција со Европската Унија. Засега, Бугарија во Брисел сериозно го кочи процесот со забелешки на нацрт текстот на рамката. Од Софија и отворено пристигнуваат најави дека ќе употреби вето за Македонија да не ги почне преговорите со Унија.