Се подобруваат условите за изградба на 80 мали хидроелектрични централи

Владата направи одредени измени во концептот со кој што ќе се зголеми атрактивноста за изградба на 80 мали хидроелектрични централи, најави денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

На први овој месец, како што рече Пешевски, беше објавен шестиот јавен повик за користење на вода за производство на електрична енергија со изградба на 80 мали хидроелектрични централи.

„Една од главните промени, која што ќе биде финализирана во наредниот период е промена на концептот на тарифи со кои наместо сегашниот модел се предлага нов модел каде во зависност од самата инсталирана моќност на дадена централа ќе има една блок тарифа која што ќе се применува за произведената електрична енергија од таа централа при што централите ќе бидат групирани во неколку групи“, рече Пешевски.

Со новиот модел, како што рече тој, ќе може да се очекува кај оние што се помали хидроцентрали со моќност до 1,5 мекгават да се зголеми на тарифите за четири до шест отсто.

Преку изградбата на овие 80 мали хидроелектрични централи ќе се овозможат низа придобивки меѓу кои се ангажирање на домашниот градежен сектор, ќе се зголеми производството на електрична енергија од домашни извори со што автоматски ќе се намали увозот, а во исто време ќе се заштити животната средина.

„Со измените во јавниот повик во 16 групи се групирани 48 локации за изградба на мали централи и тоа според водотеци, географска близина, можна приклучна точка и пристапен пат. Другите 32 локациии ќе бидат поединечно понудени. Во соработка со ИФЦ е подготвена тендерската документација, моделот на договорот и веб порталот за малите хидроелектрични централи кој е вграден во сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање“, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми.

Досега, како што нагласи тој, во петте пакети се потпишани 67 договори, 14 се целосно изградени додека другите се во фаза на градба.