Се повлекува учебникот „Граѓанско образование“ за осмо одделение

772

Министерството за образование и наука донесе одлука за повлекување од употреба на учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение, откако Народниот правобранител утврди дискриминација по основа на род, пол, здравствена состојба, попреченост и религија.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во денешното соопштение го поздравува мислењето на Народниот правобранител и решението за повлекување на учебникот од употреба на министерката за образование и наука.

Во претставката која е поднесена од Мрежата за заштита од дискриминација во врска со дискриминаторски содржини во учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение се наведува дека во учебникот, на страна 34 и 35 се учи за правата на жената и, меѓу другото, се вели дека само почитуваните жени и здрави мајки може да обезбедат здрави семејства, од што зависи и понатамошниот развој на општеството.

– Во прилог на истата лекција има две фотографии, на едната фотографија е прикажана жена со престилка која истовремено готви и стои пред компјутер, а на другата фотографија жената седи со прекрстени нозе и списание во рака, додека пред неа маж чисти со правосмукалка. Под фотографиите стои прашање: „Која од овие жени се изборила за своите права?” Ваквите фотографии воопшто не се соодветни за темата која се разработува во лекцијата, ниту пак може да даде одговор на прашањето „Која од овие жени се изборила за своите права” бидејќи ниту една од сликите не покажува дека некоја од жените на фотографиите не се избориле за своите права. Во понатамошниот дел од истата лекција авторите прават осврт на улогата на жената во времето кога Адам и Ева живееле во рајот, со што се фаворизира христијанската религија, наспроти сите останати религии кои постојат во Република Македонија, со што се врши дискриминација врз основа на религија и верско уверување кон жените и учениците кои припаѓаат на други религии или не се религиозни. Обидувајќи да ги објаснат женските права низ призмата на религијата, авторите велат дека „се смета дека жената го сторила првиот грев во рајот. Го вкусила забранетото овошје, го довела Адам во искушение и оттогаш страда. Во првата книга „Постанок” на Мојсеј, Бог и вели на жената „Ќе ти ги зголемам маките кога си бремена, со болки ќе раѓаш деца, ќе бидеш под власта на мажот свој и тој ќе ти биде господар”, стои во соопштението.

Според Хелсиншкиот комитет ваквиот обид за објаснување на женските права низ призма на една религија, со цитат во кој се наложува покорност на жената кон мажот, покрај тоа што претставува дискриминација врз основа на религија и верско убедување, поттикнува и промовира дискриминација кон жените и родови предрасуди.

Дополнително, се додава во соопштението, ова претставува прекршување на принципот на секулаларност во образованието, бидејќи религиски текстови се претставуваат како легитимни извори на информации за женски права.

По спроведената постапка и утврдената дискриминација, Народниот правобранител до МОН доставил Препорака која содржела конкретни напатствија за постапување на ресорното Министерство. Министерството за образование и наука ги прифатило препораките на Народиот правобрнител и донело одлука за повлекување од употреба на спорниот учебник.

– Го поздравуваме мислењето на Народниот правобранител и решението за повлекување на учебникот од употреба на министерката за образование и наука и се надеваме дека ваквата пракса ќе продолжи и во иднина, за сите учебници со дискриминаторска содржина, се наведува во соопштението.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија бараат од Министерството за образование и наука да ја вклучи Мрежата за заштита од дискриминација во процесите на ревизија на учебниците и наставните содржини, со цел да обезбеди партиципативност во процесот и почитување на забраната на дискриминација во образованието.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.