Се предлага укинување на маските за средношколците и враќање на ученичките екскурзии

Укинување на носењето маски за учениците во средните училишта и да се овозможи организирање екскурзии за учениците во основните и средните училишта, препорача Комисијата за заразни болести на вчера одржаниот состанок. Останува да важи препораката наставниот и техничкиот кадар да носат маски.

– За укинување на останатите мерки кои се се уште во сила ќе почекаме уште една недела. Епидемиолошката состојба има тренд на надолна линија, се намалува и бројот на новозаразени и хоспитализирани.Се празнат болничките капацитети, има мала стагнација на репродукцискиот број, меѓутоа тоа не значи дека капацитетот на здравствениот систем не е релаксиран во моментот. Трендот е позитивен. Одиме во насока на тоа да имаме позитивна добра епидемиолошка состојба. Се намалува трансмисијата на вирусот и како резултат на тоа наредната недела се уште ќе разгледуваме дел од актуелните мерки и ќе видиме кои од нив може да бидат укинати, изјави портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ.

Учениците или родителите кои сметаат дека нивните деца се уште треба да носат маски, може да ги носат, без оглед на тоа што се укинува таа задолжителна мерка.

Од епидемиолошката состојба ќе зависи дали следен чекор и препорака на Комисијата ќе биде укинување на носењето маски за студентите на факултетите.

– Имаме позитивен тренд кој ни ветува многу дека можеме да размислуваме за тоа да се релаксираат мерките. Работиме согласно алатката за оценување на епидемиолошки кризи. Се покажа како квалитетна. Засега не гледаме влошување на состојбата, таа се уште е стабилна. Ако продолжи начинот на кој се одвиваат работите, може да очекуваме и таа мерка многу брзо ќе биде на дневен ред, можеби на следната седница, рече Мехмедовиќ.

Комисијата за заразни болести ќе ја разгледа и можноста за олабавување на мерката за влез во државата, како и за укинување на други ковид-рестрикции.

Ќе се оди постепено во тргањето на мерките, согласно епидемиолошката состојба.

– Имавме примери кои ги видовме во земјите како Германија, Австрија, Велика Британија каде мерките беа подигнати практично одеднаш. Одеднаш престанаа сите мерки и дојде до нагло влошување на епидемиолошката состојба. Не би сакале да се доведеме во таква ситуација и ние да имаме влошување на епидемиолошката состојба. Сметаме дека ова укинување на мерките кое што е постепено ќе биде многу подобар начин да преминеме кон еден таков процес на прекинување на мерките отколку сите ги укинеме наеднаш, додаде д-р Мехмедовиќ.

Во врска со процесот на вакцинација, тој посочи дека треба се уште да се работи на тоа, да се стимулираат граѓаните да се вакцинираат, да се подигне процентот на вакцинација за да може да се направи транзиција од општество со многу рестриктивни мерки кон малку послободно општество и да се вратиме на нормалата од 2019 година.

– Не е само мерката со кампањата за караванот што треба да ги посетува градовите и да се зголеми процентот на вакцинација. Се уште се испраќаат СМС пораки до граѓаните кои се ризични групи и тие кои имаат поголема старосна граница над 65 години каде има многу коморбидитети да може да се стимулираат, да им се објасни кои се опасностите и кои се бенефитите кои ќе бидат добри по нив во однос на тоа ако се вакцинираат. Секако дека се работи на нови идеи за тоа како да се стимулираат граѓаните да можат што поактивно да размислуваат за да се имунизираат не само со бустер доза, туку и со прва и со втора доза односно да имаме целосна вакцинација на населението, рече Мехмедовиќ.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени се 2.430 тестови регистрирани се 294 нови случаи со КОВИД-19, двајца починати и 235 оздравени пациенти. Согласно регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од „Мој Термин“, дополнително се пријавени четири починати лица од кои по едно од Скопје, Кичево, Штип и Кочани. Пријавените починале во период од 22 до 25 март.

Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 305.717, бројот на оздравени пациенти е 294.662, на починати е 9.220, а на активни случаи изнесува 1.835 од кои најголем број 1007 се од Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.