Се предвидува раст на економија од 3,5 отсто и зголемување на инвестициите и вработеноста

Во изминативе две недели, мисијата на ММФ беше во Македонија и оствари средби на кои се дискутираше за актуелните макроекономски состојби и изгледите за растот на економијата во следниот период. Ставовите на мисијата на ММФ и Владата на РМ се идентични во однос на поставеноста на макроекономските политики и за растот на македонската економија за 2014 кој се предвидува да биде 3,5 отсто, повеќе од првично проектираниот 3,2 отсто.

„Македонската економија има добар тренд на пораст. 2013 ја завршивме со 3,1 отсто раст, а за годинава очекувањата се 3,5 отсто што е подобро од она што првично го проектиравме на почетокот на годината кога очекувавме 3,21 отсто раст на економијата. Значајно е што порастот на економијата ќе биде добро избалансиран меѓу инвестициите и потрошувачката.Инвестициите главно ќе бидат поддржани со крупните инфраструктурни проекти што ќе се реализираат преку буџетот и истовреме со инвестициите и извозот во приватниот сектор.Тоа е пред се во делот на компаниите кои работат во слободните и индустриските зони, но и со постојаната поддршка на инвестициите од страна на домашните компании при што банкарскиот сектор и кредитирањето имаат добра динамика,“ изјави Ставрески.

Во делот на потрошувачката, зголемувањето на платите во јавниот сектор што ќе се случи во последните месеци во 2014 година и растот на пензиите, ќе ја стабилизираат личната потрошувачка и тоа ќе биде основа за поизбалансиран раст во текот на оваа и следните години.

Позитивните трендови на раст ќе продолжат со уште поизразена динамика во следните неколку години при што посебно ќе биде знаачен придонесот на крупните инфраструктурни проекти како што се изградбата на трите автопати, изградбата на железницата кон Бугарија, како и изградбата на повеќе енергетски проекти.

„Фискалната политика е добро поставена, Владата останува на позицијата за одржување на фискалниот дефицит во умерени рамки. Проектираниот дефицит за оваа година е 3,5 отсто и ние сме подготвени со политиките и реализација на буџетот во 2014 да го одбраниме овој буџетски дефицит. Фискалната стратегија за следните три години предвидува постепена фискална консолидација која ќе е соодветна на нивото за заживување на растот на економијата и инвестициите од приватниот сектор, бидејќи Македонија има умерено ниво на задолженост,“ потенцираше Ставрески.

Проекциите за 2016 година за буџетскиот дефицит се да биде на ниво од 2,6 отсто.

Очекувањата за  реалниот сектор е дека ќе продолжи трендот на намалување на невработеноста преку реализација на инвестициите во приватниот сектор и слободните зони.

Зедно со политиките во делот на образованието, подобрување на квалификациите и способностите на македонските работници како и поволната бизнис клима треба да се обезбеди намалување на невработенста во периодот кога ќе се намалат екстерните ризици.Фактот што невработеноста во услови на светска и економска криза се намали на 28,6 отсто покажува дека политиката на привлекување странски иневстиции, крупни проекти и поддршка на стопанството се добро поставени.

„Во следните шест до 12 месеци ќе има десетина нови инвестциии кои ќе отворат нови работни места и ќе придонесат за зголемување на извозот и БДП. Малите и средни претпријатија ќе бидат поддржани со кредитната линија од 100 милиони евра како и со одржувањето на политиките на ниски даноци и добра бизнис клима,“ додаде Ставрески.

Шефот на мисијата на ММФ во Македонија, Ивана Влаткова Холар истакна дека очекува порастот на економијата да се зајакне и порастот од околу 3,5 отсто во 2014 година се чини остварлив. Според нејзе, зголемувањето на бројот на вработените и зголемените плати во јавниот сектор и пензиите ќе ја поддржат потрошувачката, додека инвестициите ќе бидат поттикнати од крупните инфраструктурни проекти во јавниот сектор.

„Надворешната побарувачка е зајакната годинава, но се уште постојат потенцијални надворешни ризици. Одредени клучни глобални ризици не се пренесуваат во македонската економија.Но, шоковите на цените на стоките посебно на нафтата би можеле да влијаат врз билансот на плаќање и врз позицијата на девизните резерви. Забавениот пораст во напредните економии во Западна Европа е клучен ризик и во наредниот период и на среден рок,“ потенцираше Влаткова Холар.