Се преврте руски излетнички брод во Црно Море, две лица загинаа

Две лица загинаа кога се преврте руски излетнички брод со 55 лица во водите на Црното Море.

Како што јави руската новинска агенција ТАСС, причината за несреќата е најверојатно тоа што бродот бил преполн.

„Бродот е направен во 2008 година и тогаш беше предвидено да превезува 12 лица, вклучувајќи го и екипажот. Времетраењето на бродот изнесуваше шест години. Првиот сопственик го продаде пред осум години и пловилото беше ремонтирано, по што максималниот број луѓе кои можеше да ги собере е 20 лица“, изјави дизајнерот на бродот Дмитриј Сребни.

Во моментот на несреќата, на бродот имало 15 деца.

Полицијата покрена истрага, а уапсени се сопственикот и капетанот на бродот.