Министерството за култура ги направи сите подготовки и целиот елаборат во врска со отворање на МКЦ во Благоевград, кој потоа беше доставен до Министерството за надворешни работи. Меѓутоа, Бугарија ќе оди на избори во првата недела на април. Штом ќе завршат изборите, ќе можат да продолжат разговорите на долгорочна основа во однос на тој дел, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот напомена дека и министерот за надворешни работи има разговарано со неговиот колега од Бугарија околу отворањето на МКЦ во Благоевград, но Бугарија во моментов работи со техничка влада.
-Проценките беа дека ќе успее таму да се направи политичка влада, со која ќе може да се разговара подолгорочно, меѓутоа Бугарија повторно ќе оди на избори во првата недела на април. Штом ќе завршат со нивното политичко екипирање и со изборите, ќе можат да продолжат разговорите на долгорочна основа во однос на тој дел, рече Ковачевски по посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, одговорајќи на новинарско прашање.
Тој потенцираше дека барањето веќе го имаат подготвено и е разговарано, но со техничката влада во Бугарија.
-За овие прашања ние разговараме. Ние, кога отворивме канцеларија на МИА во Софија, тоа беше направено врз основа на добра волја на властите во Софија и во Скопје. Исто така, имаме МКЦ во центарот на Софија, каде е сместена и МИА, како што Бугарија има културен центар во Скопје. Тоа е начин накој две држави ги регулираат своите односи на планот на информирање и размена на културните вредности, додаде премиерот Ковачевски.