Се проверува безбедноста на личните податоци во ДИК

Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) информира дека започнала постапка за спроведување на супервизија над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци и нивната заштита од страна на Државната изборна комисија (ДИК), а поврзано со, како што посочуваат оотаму, неодамна настанатите безбедносни инциденти во врска со одржаните вонредни парламентарни избори 2020 година.

– Вечерта по одржувањето на вонредните парламентарни избори 2020 година, на 15 јули 2020 година, се случи инцидент каде одреден период не беа достапни веб страниците, односно веб услугите на ДИК. ДИК обработува голем број на лични податоци по својот обем и категории кои се поврзани со изборниот процес, а од кои одредени категории на лични податоци се достапни и по електронски пат. АЗЛП во врска со објавените информации за настанат инцидент, по службена должност ќе истражи и провери дали дошло да нарушување на безбедноста на личните податоци кои се обработуваат од страна на ДИК, односно дали обработката на личните податоци била, односно е во согласност со правилата на Законот за заштита на личните податоци „Службен весник на Република Северна Македонија 42/20), се вели во соопштението од АЗЛП.

Од Агенцијата потенцираат дека согласно членот 37 став (1) од Законот за заштита на личните податоци „во случај на нарушување на безбедноста на личните податоци, контролорот (во конкретниот случај ДИК) веднаш и не подоцна од 72 часа откако дознал за истото е должен да ја извести Агенцијата за нарушувањето на безбедноста на личните податоци, освен ако не постои веројатност нарушувањето на безбедноста на личните податоци да создаде ризик за правата и слободите на физичките лица, што Комисијата не го направила.

-Кога известувањето до Агенцијата не е поднесено во рок од 72 часа, заедно со известувањето треба да биде доставено и образложение за причините за доцнењето. До моментот на отворање на постапка за супервизија, ДИК нема доставено известување за нарушувањето на безбедноста на личните податоци. Оттука, согласно важечката законска регулатива ваквата фактичка состојба во конкретниот случај дава основ за претпоставка дека или не станува збор за нарушување на безбедноста на личните податоци кое може да создаде ризик за правата и слободите на физичките лица, или дека ДИК не доставила известување до АЗЛП во законски утврдениот рок од 72 часа од моментот на дознавањето за нарушувањето на безбедноста на личните податоци, велат од Агенцијата за заштита на личните податоци и додаваат дека очекуваат во текот на супервизијата целосна соработка од страна на ДИК.

Во зависност од исходот на постапката, АЗЛП посочува дека има надлежност да изрече соодветни мерки согласно Законот за заштита на личните податоци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.