Се разгорува кавгата меѓу СДСМ и ДУИ

Односите во владината коалиција се повеќе се влошуваат. Тензиите меѓу СДСМ и ДУИ продолжија и денеска откако собранискиот претседател Талат Џафери и пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски кавгата околу измените на Изборниот законик со меѓусебни обвинувања ја изнесоа на јавна сцена.

Џафери денеска му држеше лекција на Кирацовски за тоа што предвидува Деловникот во однос на закажување јавна расправа за предлози за кои расправа Собранието. Тој вели дека она што Кирацовски го најавува како „јавна расправа“ воопшто не е предвидено со Деловникот, туку стои „јавна дискусија“, а покрај тоа посочува можноста за тоа е веќе пропуштена.

„Деловникот не познава терминологија јавна расправа. Во деловникот се уредува јавна дискусија. По разгледувањето во прво читање или по претресот по првото читање, Собранието по потребата може да донесе одлука за јавна дискусија по определен закон ако е од поширок општ интерес. Откако пленумот ќе донесе одлука за јавна дискусија, определува матично работно тело кое ќе го организира и ќе ја одржи дискусијата. Со член 146 и другите членови потоа се пропишува како тоа се спроведува“, изјави Џафери.

Кирацовски му одговори преку Фејсбук со обвинување дека Џафери се обидува да спречи јавна расправа по важно прашање како промена на изборниот модел.

„Не знам кои се побудите за вaквата одлука на претседателот на Собранието, господинот Талат Џафери да спречи Јавна расправа за толку битно прашање (измените на изборниот законик), но уште веднаш можам да констатирам дека истите се недемократски, ограничувачки и од теснопартиска природа“, пишува Кирацовски на Фејсбук.

Тој додава дека останува на одлуката да има јавна расправа за Изборниот законик.

„Останувам на ставот дека јавна расправа треба да има и ќе има, независно дали истата ќе се одржи во собраниската сала, во холот на Собранието или можеби во некоја конференциска сала надвор од собранието, макар нарекувајќи ја и јавна дебата за промена на изборниот модел со која се предвидува една изборна единица, еднаква родова застапеност и отворени листи за локалните избори“, вели Кирацовски.

Односите меѓу владините партнери веќе период наназад беа во криза што се препознаваше по одредени одлуки во Собранието. Но, по поднесувањето на над 5.000 амандмани од страна на ДУИ за измените на Изборниот законик зад којшто отворено застана премиерот Зоран Заев кавгата се заостри.

Заев најави дека сериозно ќе ги разгледа односите со Ахмети и како ќе продолжи идната соработка.