Се разгорува кавгата меѓу Заев и Ахмети

Кавгата меѓу се уште актуелни коалициони партнери во Владата, Зоран Заев и Али Ахмети се чини зема замав во пресрет на изборите. Откако вчера Заев му порача на Ахмети дека по изборите нема да прифаќа уценувања и непринципиелни преговори денеска му испрати уште една порака. Лидерот на СДСМ вели ќе го победи ДУИ и во шестата изборна единица.

„Јас би му порачал на нашиот сегашен коалициски партнер да не си го лаже паметот, коалицијата СДСМ – Беса и другите партии ќе биде победник на овие избори, не ДУИ. И тоа во Шестата изборна единица каде што најмногу се мери влијанието на албанската заедница во државата“, рече Заев.

Од ДУИ денеска реагираа на вчера официјализираната коалиција меѓу СДСМ и Движењето БЕСА. Потпретседателот на интегративците, Изет Меџити вели овој сојуз ќе значи дефакторизирање на гласот на Албанците и е спротивен на албанските интереси.

„Ние како најголема Албанска партија и гарант на Охридскиот, Преспанскиот и договорот за добрососедство, имаме задача да ги заштитиме правата на Албанците и затоа не може да има Влада во ова земја без Албанскиот победник на демократски избори. Албанскиот преставник во Владата го определува волјата на Албанците а не волјата на сојузите и канцелариите“, рече Меџити.

Меџити потсети и дека по изборите во 2016 година иако СДСМ ги загуби изборите тие го прекршија принципот „победник со победник“ и направија владина коалиција со Заев. Од ДУИ и денеска истакнаа дека по 12-ти април ќе инсистираат на почитување на овој принцип и дека и по повторно ќе бидат одлучувачки фактор за тоа кој ќе формира влада.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.