Се реализира инвестицискиот план на МОН за 2017 година

Министерството за образование и наука започна да го реализира инвестицискиот план за 2017 година. Имено, активности за реконструкција веќе се спроведуваат во три училишни објекти во кои, значително ќе се унапредат условите за одвивање на образовниот процес.

Станува збор за основното училиште „Маршал Тито“ во струмичко Муртино, каде се поставува систем за греење. Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Велес, каде се врши рехабилитација на фасадата и средното училиште „Ибрахим Темо“ во Струга, каде се реконструираат санитарните јазли, информираше на социјалните мрежи заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски пред неколу дена, посочувајќи дека во меѓувреме започнуваат подготвителните активности за подобрување на условите и во бројни други училишни објекти.

Инвестицијата за градежните активности само во овие три училишта е во вредност од 11,3 милиони денари и истите се очекува да финишираат до крајот на месец април.

Исто така во насока на унапредување на образовната инфраструктура според акцискиот план на МОН во тек е постапка за избор на најповолен понудувач за изградба на нов објект за основното училиште “Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром во општина Гази Баба, како и за доградба на училници и дополнителни простории за потребите на подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“ во тетовското село Фалише, за што се предвидени околу 76 милиони денари.

Ново училиште ќе добие и Визбегово на територијата на општина Бутел, а модерни објекти ќе се градат и во други населени места, со што ќе се зголеми бројот од 74 новоизградени во изминатите години. Само во текот на 2016 година учениците од ОУ „Невена Георгиева Дуња“во општина Кисела Вода, учениците од подрачното  ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром и средношколците од Општина Сарај започнаа со следење на настава во сосема нови училишни згради.

Инаку во изминатиот период реконструирани се и над 400 училишни објекти, од кои 60-тина во текот на минатата година, а според динамиката на реализација на акцискиот план за 2017, се очекува приближно ист број на училишта во кои ќе се одвиваат реконструктивни и санациони активности.

unnamed (2)
unnamed (3)
unnamed (4)
unnamed (5)
unnamed (6)