20.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Се реализира сценариото – Големоалбанска реалност на Балканот

страшо ангеловски

Со насилно инсталираното парламентарно мнозинство на СДСМ и ДУИ пред две години, со формирањето на владата на Зоран Заев и со непочитувањето на резултатите од Референдумот од 30 септември, минатата година, сценаристите за создавање големоалбанска држава на Балканот, ги изодуваат последните чекори. Сите лаги за убавата европска иднина на државава, за високи плати и пензии, странски инвестиции и бесплатно здравство во Европа… беа, всушност, само една голема измама за преку бришењето на името на македонската држава и идентитетот на македонскиот народ, територијата на која суштествува државата на македонскиот народ насилно да се втурне во НАТО.

Претходно, заради реализација на големоалбанската стратегија пред нецели три години, уште еден сосед на Албанија, која инаку од 2008 – та е членка на Алијансата, Црна Гора без можност за референдумско изјаснување, со методи на насилство и притисоци, беше внесена во НАТО.

Но, што е она што го поврзува влезот во НАТО на Македонија и Црна Гора со создавањето големоалбанска држава? Зошто е членството во НАТО  предуслов за создавање голема Албанија?

За да се реализира идејата за голема Албанија, се’ почесто се заговара формирање на албански Бенелукс на Балканот, односно отворање на границите меѓу државите каде што Албанците живеат во помал или поголем процент. Тоа, според сценаристите, би биле Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија. Откако со првиот чекор би се релативизирале постојните граници, следниот чекор би бил нивно ново исцртување според контурите на зацртаната големоалбанска држава. Првиот чекор, како исклучително важен за постигнување на крајната цел, сценаристите го претставуваат како крајно бенигно решение кое треба единствено да овозможи слободен проток на луѓе, стоки и идеи. Но, во својата суштина тоа е малигната клетка која неповратно треба да го зарази Балканот. Малигната клетка, која галопирачки ќе метастазира и многу скоро ќе доведе до вториот чекор – исцртување на новите граници.

За да може да се премине кон вториот чекор, кон исцртување на новите граници, а да не биде тоа еден вид агресија на земја членка на НАТО, во случајов Албанија, врз две суверени држави, Црна Гора и Македонија, овие две се внесуваат во НАТО, насилно и против волјата на мнозинството граѓани. Со тоа, се отвора патот за „мирно разграничување“ на држави кои се наоѓаат под истиот чадор, под чадорот на НАТО. Држави, кои и да сакаат, не ќе можат да побараат каква било помош, затоа што исцртувањето на новите граници ќе се претставува како „внатрешна работа“ на земји членки на Алијансата. Зашто мора да ни биде јасно дека НАТО ги гарантира безбедноста и границите на државите членки во однос на трети земји, што ќе рече, дека ги гарантира надворешните граници на својот НАТО чадор, а не границите меѓу своите членки. Дури и каков било обид, од кого било од надвор, да и’ се помогне на Република Македонија или на Црна Гора, при чинот на одземање дел од нивните  територии, ќе биде претставен како чин на агресија врз сите земји членки на НАТО. Ова повеќе од јасно говори дека со влезот во НАТО, Република Македонија, за жал,самата ја исцртува големоалбанската иднина на дел од својата територија.

Каде се наоѓа Република Србија во големоалбанските планови на моќните сценаристи

Играта со Србија, заради се’ уште свежите сеќавања кај српскиот народ на НАТО агресијата врз нивната држава пред точно 20 години, заради што е невозможен скор влез на Србија во НАТО, ќе се одвива по сосем поинаков план. Имено, сценаристот за создавање големоалбанска држава, врши „силен притисок“ врз властите во Косово да се откажат од северниот дел на Косово, кој според нив со „мирно разграничување“ со нова Резолуција во Советот за безбедност при ООН, би и’ припаднал на Република Србија. Новата Резолуција, како задолжителна, прва ја спомена госпоѓата Могерини, бидејќи со новата Резолуција треба да се поништат одредбите од Резолуцијата 1244, потпишана во Куманово, а според која „независно“ Косово се наоѓа во границите на Република Србија. Со новата Резолуција, со која на Србија ќе и’ се даде северниот дел на Косово, остатокот од Косово официјално ќе излезе од границите на Србија, официјално ќе стане независна држава, индиректно признаена и од Белград и, најофицијално ќе може да влезе во балканскиот Бенелукс, а ден потоа и во заедничка држава со Албанија.

Доколку вниматело ги следиме изјавите на официјален Белград, кој се’ повеќе прифаќа „мирно разграничување“, свесен дека е тоа максимумот што во моментов може да го извлече, но и надевајќи се на евентуален домино ефект кој би ја зафатил Република Српска, ваквата разврска изгледа како многу блиска. Ако кон тоа се додаде и изјавата на официјална Москва дека ќе прифати решение кое ќе го прифати Белград, новата Резолуција во Советот за безбедност изгледа се’ поверојатна. Резолуција со која Република Косово официјално станува независна држава, надвор од границите на Србија, како прв чекор кон реализација на големоалбанскиот сон.

Со ваквиот развој на настаните, се поврзува и последната алка од големоалбанскиот синџир, а на штета на државите соседи на Република Албанија. Засега, но само засега, надвор од овој синџир, останува Република Грција, чиј дел од територијата, сепак, многу скоро може да стане плен на големоалбанските апетити поддржани од потребата на сценаристот во свое владение да има голема и добро вооружена држава преку која ќе ги контролира „клетите“ православни руски браќа.

Ова е цената што Република Македонија ќе ја плати, заради што со измама гласајќи за некаква „европска Мкедонија“, дел од граѓаните овозможија насилно инсталираното мозинство, наспроти волјата на мнозинството, да не’ поведе кон патот на народната евтаназија. Со евентуална победа на претседателските избори на „консензуалниот“ кандидат, кој нема поддршка кај огромниот дел од македонските гласачи, а очигледно, уште помалку кај албанските, „консензуалните“ СДСМ и ДУИ ваквата разврска сакаат да ја забрзаат.

Само со исклучителен резултат, обединувајќи се околу кандидатот на опозицијата, предизвикувајќи предвремени парламентарни избори, постои мала надеж да го спречиме најнесаканото. Мала, но сепак надеж, надеж која последна ќе умре во нас. Се’ друго е пораз, пораз за нас Македонците. Пораз за последната надеж.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.