Се реновира Центарот за социјална работа во Охрид

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов денеска во рамки на работната посета на Охрид заедно со градоначалникот Никола Бакрачески го посети Центарот за социјална работа, каде во тек се градежни активности за негова целосна реконструкција.

-Станува дел од активностите во рамки на проектот за целосна реконструкција на центрите за социјална работа во Република Македонија. Досега целосно се реновирани и предадени во функција центрите за социјална работа во Струмица, Пробиштип, Свети Николе и Ресен, а во завршна фаза на реконструкција се центрите во Демир Хисар, Крушево,  како и во Охрид, Прилеп и Битола, истакна министерот Спасов.

Конкретно се работи за објекти постари повеќе од три, четири па и пет децении, што досега воопшто не биле реновирани.

dime-1.jpg-500

-Преку овој проект како Влада покажуваме грижа и за институциите на локално ниво. Центрите за социјална работа се меѓу побитните институции во кои голем број граѓани на РМ ги остваруваат своите права од социјална и детска заштита, но и добиваат одредени услуги, појасни Спасов.

За објектот во Охрид и негова реконструкција се издвоени пет милиони денари. Се очекува после реновирањето објектот да биде енергетски ефикасен, истиот да поседува модерни, современи услови, стручните служби да имаат значително подобри услови за работа, а истовремено странките кои ги остваруваат своите права и услуги да бидат опслужени во достоинствени услови.

Спасов најави продолжување на активностите во рамки на оснодниот проект, преку поддршка на ИПА програмата на ЕУ, со реновирање на уште 19 центри за социјална работа, што значи практично обновување на сите објекти низ земјата.

Градоначалникот Бакрачески и директорот на Центарот Екрем Каљоши изразија благодарност во име на локалната самоуправа за напорите на ресорното Министерство Охрид да добие добро функционален Центар за социјална работа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.