Се самоорганизираат на 780 штедачи во Еуростандард банка со влогови над 30.000 евра

Без малку илјада штедачи поделени во за сега три групи почнаа да се самоорганизираат со цел, како што велат да ги остварат своите права откако на 12 август годинава Народната банка стави клуч на врата на „Еуростандард банка“, јавува ТВ 24.

Станува збор за штедачи кои на сметките на банката имале повеќе од 30.000 евра затоа што според Законот за фондот за осигурување на депозити осигурувањето на штедните влогови во банките во случај на нивно пропаѓање е ограничено на 30.000 евра. Сите други пари или пропаѓаат или пак штедачите мора да си ги бараат во стечајна постапка.

„За обештетување на своите средства ние ќе мора да се потпреме на правилноста и функционалноста на нашиот систем и стечајните постапки како такви. Впрочем, функционирањето на истиот тој систем нѐ доведе и до оваа состојба за свои тешко спечалени пари да одлучува некој друг. За да не се губи време додека истите структури- горе наведени, излезат со информации за тоа кој сме тие 780 штедачи, затоа мора да се саморганизираме и превземеме мерки веднаш.“ – велат група на штедачи.

Финансискиот експерт Горан Рафајловски објаснува дека сите пари на штедачите над 30.000 евра сега ќе бидат дел од стечајната маса во стечајната постапка што на 14 август годинава беше отворена во скопскиот Граѓански суд.

Последниот збор на кој начин и по кој редослед ќе бидат намирени доверителите во постапката ќе го има стечајниот управник на „Еуростандард банка“.

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада кој беше посочуван како еден од виновниците за состојбата во финансискиот сектор вчера на новинарско прашање за „Еуростандард банка“, меѓу другото, рече дека верува дека покрај депозитите до 30 илјади евра кои што се гарантирани од Фондот за осигурување на депозитите, и сите други депозити над 30 илјади евра ќе бидат обештетени од стечајната маса.

Во последните 20 години во Македонија пропаднале пет банки и изгубени се повеќе од сто милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.