(ВИДЕО) Се самоуби напаѓачот во болницата во Острава каде застрела шест луѓе

Вооружениот напаѓач кој уби шест луше во вторникот во чекалницата на одделот за итен болнички прием во источниот чешки град Острава, три часа подоцна се самоубил, пренесуваат тамошните медиуми.

Полицијата соопшти дека примила повик за пукање во 7,19 часот од Универзитетската болница во Острава. Полицајците пристигнале на местото на трагедијата пет минути подоцна, се додава во соопштението.

Директорот на болницата, Јири Хаврлант, изјави за телевизиите дека пет луѓе починале на самото место и уште едно лице во текот на операцијата. Уште две лица се потешко ранети. Меѓу нив нема лекари, ниту болнички персонал. Нападот се случил во чекалницата на клиниката, а жртвите биле погодени одблизу во главата и вратот, додаде Хаврлант.

Полицијата, којашто веднаш започнала потера по напаѓачот, објави дека тој се убил со истрел во главата во автомобил, околу три часа по нападот. Чешката државна телевизија објави дека починал, без да презентира дополнителни поединости.

„Полицијата го пронајде автомобилот, од него се слушна истрел. Утврден е идентитетот на мажот кој си пукал во главата пред полицијата да успее да стапи во акција“, објави чешката полиција на Twitter.

Станува збор за најтешкиот напад во Чешка од 2015 година, кога маж уби осум лица а потоа и себеси во ресторан во градот Ухерски Брод.

Зборувајќи за нападот како за голема трагедија, чешкиот премиер Андреј Бабиш рече дека напаѓачот веројатно е лице со ментални нарушувања кое немало помагачи.

Острова со 290.000 ќители е третиот најголем чешки град и е административен центар на Моравско-шлезискиот регион. Градската болница, којашто има 1.200 кревети, објави дека на недоредено време нема да прима пациенти.