Се шират студентските протести во Индија поради законот за државјанство

Протестите поради новиот закон за државјанство којшто го врзува со верската припадност се проширија во понеделникот на студентските кампуси ширум Индија, додека критичарите истовремено ја прозиваат владата на премиерот Нарендра Моди дека настојува да ја протурка партиската агенда која е во спротивност со сфаќањето за земјата како секуларна република.

Дополнителен револт против владата на Моди во која доминира хиндуизмот се обвинувањата за полициската бруталност кон студентите на муслиманскиот универзитет Џама Исламија во неделата. Според обвинувањата, полицијата упадната во кампусот во самиот центар на Њу Делхи и употребила солзавец за да ги растера студентите. Во тој судир се повредени најмалку 100 луѓе, а стотици активисти во неделата вечерта протестираа пред седиштето на полицијата поради примена на сила и апсење на студентите.

Случни сцени се видени и на муслиманскиот универзитет Алигарх во северната сојузна држава Утар Прадеш, но најжестоките протести во изминатите неколку дена се одржани во североисточната држава Асам каде што разгневената толпа палеше згради и железнички станици, бесна што новиот закон ќе им овозможи на илјадниците немуслимански имигранти од Бангладеш да станат законски граѓани на Индија. Во тие судири загинале најмалку две лица.

За новиот закон за државјанството, муслиманските малцински заедници во Индија тврдат дека е дискриминаторски. Владата во Њу Делхи, пак, тврди дека се обидува да ги заштите верските малцинства од прогонот во околните земји, а кои се доселиле во Индија пред 2105 година. Новиот закон им нуди индиско државјанство на припадниците на шест малцински верски групи од соседните Бангладеш, Пакистан и Авганистан, но не се однесува на муслиманите. Споменатиот закон за државјанство така го олеснува патот за натурализација на хиндусите, христијаните, сиките, будистите, парсите или џаинистите кои се доселиле од соседните држави, но не и, на пример, за муслиманите од етничката група Рохинџа кои се протерани од соседниот Мјанмар.

Владејачката партија Бартија Џаната на премиерот Нарендра Моди ги отфрла обвинувањата за верска предрасуда, но повторува дека се противи попуштањата кон само една заедница. Партијата истакнува дека новиот закон има цел да им помогне на малцинските групи кои се соочуваат со прогони во соседните три муслимански земји. Моди на партиски собир во неделата изјави дека парламентот го усвоил новиот закон и дека нема враќање назад. Оваа одлука, порача индискиот премиер, „илјада отсто е исправна“.

Протести во понеделникот се одржани на Индискиот институт за технологии и на Тата Институтот за социјални науки во Мумбаи, а планирани се протести и на „Универзитетот Бомбај“, како и во градот Бенгалура на југот од земјата.

Поддршка на студентите им дадоа и некои ѕвезди од Боливуд, како актерката Конконе Сен Шарма, и режисерите Махеш Бат и Анудав Синха. Генералниот секретар на индиската Комунистичка партија Д. Раџа, изјавил дека „земјата гори, а владата од уставот прави смејурии“.