Се случуваат убиства на 300 метри од центарот на Скопје затоа што тој што треба да го гони криминалот, е ортак со него, вели Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета во струмичкиот регион посочи дека, кога нема јасна линија меѓу владата и криминалот и кога половина припадници на балкански картели со дрога имаат македонски пасоши кои им се издаваат овде, тогаш е нормално криминалот да си има своја држава.

-Кога нема јасна линија меѓу владата и криминалот, кога половина припадници на балкански картели со дрога имаат македонски пасоши кои им се издаваат тука, тогаш е нормално криминалот да си има своја држава, и за жал тоа е нашата Македонија. Затоа велам колку побргу заминат, толку побргу ќе дојде крајот на ова девијантно однесување, рече Мицкоски.

Претседателот Мицкоски во врска со убиството кое се случи пред некој ден потенцираше дека сето ова се случува затоа што во Македонија тој што треба да го гони криминалот е ортак со криминалот.

-Инаку на 300 метри од центарот на Скопје да се случи едно вакво убиство, многу прецизно луѓе со автоматски пушки си шетаат и тоа не 1 туку 4, на 300 метри, ќе повторам, од центарот на главниот град. Ниту во најлошите кинематографии не можете да го сретнете, но ете за жал, имаше очевидци тој ден, во тој локал или во околината видоа како се врши брутална егзекуција на луѓе. Тоа е така само поради тоа што немаме јасна поделба меѓу тој што треба да го гони криминалот или да биде ортак со него. За жал кај нас тој што треба да го гони криминалот е ортак со криминалот, додаде Мицкоски.