Се создаваат услови за формирање нова влада на БиХ

38

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина донесе одлука за измени на законот, со што ќе се овозможи формирање на нова влада на земјата по општите избори оддржани на почетокот од октомври.

Изборот на новата централна влада на БиХ беше блокиран откако Парламентарното собрание не успеа да ги усвои потребните законски измени.

Без овие измени, кои се однесуваат на изборот на делегати во Горниот дом на Собранието на Федерацијата Босна и Херцеговина, законодавниот дом на овој босански ентитиет не можеше да се конституира и да ги делегира претставниците во Горниот дом на Парламентарното собрание, кој учествува во изборот на нова влада.

Претседателот на Комисијата, Бранко Петриќ изјави дека со одлуката за измени на законот, се создадени сите услови за избор на делегатите и потоа за формирање на централната Влада на земјата.

Одлуката на Комисијата во заедничка декларација ја поздравија амбасадата на САД во Сараево и делегацијата на ЕУ во БиХ.

Меѓутоа, најголемата партија на Бошњаците, Партијата за демократска акција (SDA) оцени дека одлуката на Изборната комисија е политичка и најави дека ќе ја обжали пред Уставниот суд на државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.