Се сретнав со Јанчев и Тодоров, верувам дека имаат влијание врз пратениците да ги убедат да гласаат за уставни измени

Премиерот Зоран Заев во изјава за медиуми ги потврди информациите дека имал средба со Митко Јанчев и Никола Тодоров, со цел нивно влијание врз пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставни измени, но и со цел координирање на реформите, како што вели, на интерпарламентарното тело формирано меѓу пратениците од власта и одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои гласаа за уставни измени и беа исклучени од партијата за истото.

Заев со ова ги потврди ставовите на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, дека Јанчев и Тодоров се во коалиција со власта и убедувале пратеници спротивно на партиската одлука да гласаат за уставни измени.

„Тоа што го разговаравме беше поврзано со интерпарламентарното тело и координативното тело за помирување и реформи и евроинтеграција така да кажам тие беа темите за кои што разговаравме заради тоа што знаете дека намерата е покрај завршување на процесот на Уставните амандмани можно максимално негово вградување колку што е можно во политичкиот естаблишмент. Тоа го правиме заради тоа што јасно изразената одговорност од Никола Тодоров и градоначалникот Митко Јанчев верувам дека можеме многу да охрабри одредени пратеници кои што знаат како е позитивниот чекор, а се уште нема доволно храброст да го направи тој чекор. Навистина ќе сторам се’, тежнеам до крајот на целиот овој процес и максимално консолидација во општеството за ова исклучително важно прашање“, одговара Заев на прашањето дали му е ветено од страна на Јанчев и Тодоров поддршка за уставните измени?

Запрашан дали и двајцата исклучени имаат влијание врз пратениците, иако се исклучени од партиските органи тој рече:

„Секако, верувам дека имаат и затоа ги повикав на едно кафе во Струмица, навистина беше се на транспарентен начин, пиевме кафе и разговаравме токму заради тоа секако нивното влијание не е од политички позиции посебно во партијата дали тоа што да се исклучени тие се чувствуваат ВМРО-ДПМНЕ. И верувам дека комуницираат со многу пратеници така барем практикуваат, такви се и моите чувства и продолжуваме на основ на разговори, и на основ на аргументи, основ на одговорност која што сите ја имаме. Да се обидеме да помогнеме во целиот тој процес.

Митко Јанчев беше разрешен од позицијата потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, а Никола Тодоров беше исклучен од членство во партијата по одлука на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ како последица на нивното против партиско делување во спротивност со статутот и одлуките на ВМРО-ДПМНЕ, токму заради вршење на непринципиелен притисок врз пратениците да гласаат за уставни измени, но и непринципиелна коалиција со власта.

Тогаш во јавноста се ширеа шпекулации дека од партијата се исклучени без образложение и без докази, но сега доказите за соработката со Заев и делувањето спротивно на партискиот статут доаѓаат директно од Зоран Заев кој ја призна координацијата со Јанчев и Тодоров, кои се очигледно според неговите зборови водачи на одметнатите пратеници. Имено тогаш Тодоров во изјава за Канал 5 во емисијата „Само вистина“ рече:

„Дали јас сум работел со пратениците, прашајте ги! Може да ги прашате сите 8! Дали на било кој од нив сум им се јавил сум влијаел на нив итн. Можете да ги прашате, зошто ако ги прашате ќе ви одговорат негативно“, рече претходно Тородов.

Оваа изјава на Тодоров е сосема спротивна од изјавата на Заев од денеска, од која се гледа дека Јанчев и Тодоров се лицата за координација со Заев и власта во име на осумтемина  одметнати пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои спротивно на партиската одлука гласаа за уставни промени, а во однос на договорот за промена на името од Преспа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.