Силите на проруските сепаратисти заедно со руските трупи ги насочуваат своите напади врз градот Лисичанск, последниот кој го контролираат украинските сили во источниот регион Луганск, потврдија и двете завојувани страни во неделата вечерта.
Руските сили користеле артилерија за да го блокираат пристапот на градот од југот, соопшти генералштабот на Вооружените сили на Украина. Цивилната и воената инфраструктура, исто така, е гаѓана, се наведува во извештајот.
Претходно и ткн амбасадор на самопрогласената Народна Република Луганск во Москва, Родион Мирошник, изјави дека проруските сили постојани настапуваат кон Лисичанск од јужен правец, и оти ја заземале индустриската зона на градот.
Истовремено сепаратистите од Луганск објавија дека нивните сили заедно со руските трупи влегле во Лисичанск од пет правци одеднаш, и оти обрачот околу преостанатата украинска група борци постојано се стеснува кон центарот на градот.
„Во Лисинчанск се водат активни битки во населбата. Сојузничките сили влегоа во градот од пет места. Благодарение на нашата офанзива, обрачот се стеснува кон центарот на градот“, изјавил извор на агенцијата ТАСС.
Информациите од двете страни не можат да се проверат од независни извори.