Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Македонија и Србија

Превозот на товар меѓу Србија и Македонија, што се врши во или од трети земји, со еколошки возила, ќе се либерализира, односно ќе биде ослободен од режимот на дозволи од 1 август. Ова подразбира целосна либерализација на транспортот на стока и се однесува за сите еколошки возила почнувајќи со стандард од ЕВРО 1, ЕВРО 2, ЕВРО 3, ЕВРО 4, ЕВРО 5 и ЕВРО 6.

Ова е резултат од договорот постигнат на состанокот на мешовитата српско-македонска комисија за меѓународен патен превоз на патници и товари што се одржа во Охрид на 5 и 6 јуни.

Во однос на меѓународниот превоз на патници во патниот сообраќај, договорено е од 15 јуни годинава алтернативниот превоз на патници да се врши без дозволи.
„Ова најпрво е огромен успех за транспортерите од двете земји, успех е за Република Македонија и Република Србија. Постигнавме историски договор, целосно ги укинуваме дозволите во патниот и товарниот транспорт и сето ова го правиме за развојот на двете земји, за економски напредок во регионот и за подобра економска соработка меѓу Македонија и Србија. Ова е вистинската политика за олеснување на работата на превозниците и ова треба да биде пример за целиот регион“, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ вели дека ќе остане симболичен број на дозволи, помалку од сто, од двете страни за транспортери со нееколошки мотори, односно дизел мотори „евро 0“.

„Тоа се мали транспортери кои живеат и работат од двете страни на границата, па сакавме да ги оставиме да работат со обврска во иднина да ги заменат нееколошките возила со еколошки“, вели Весиќ во соопштението од неговото министерство.
Според српскиот министер, договорот ќе придонесе за натамошно отстранување на административните бариери, што дополнително ќе ги зајакне економиите на двете земји, а на економијата и граѓаните ќе им биде олеснето движењето на луѓе и стоки во регионот на Западен Балкан.

Одлуката за либерализација на транспортот е дел од иницијативата „Отворен Балкан“ и целите утврдени со Меморандумот за разбирање и соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки и патници во Западен Балкан.