Се укинуваат ограничувањета во Хубеи, наметнати поради коронавирусот

Кина во средата ги укина драстичните ограничувања воведени пред речиси три месеца во централната покраина Хубеи, којашто се смета за жариште на пандемијата од новиот тип коронавирус која од крајот на декември однесе повеќе од 18.000 човечки животи на планетата.

Во последите 24 часа во Кина не е окриен ниеден случај на локално пренесување на заразата, но во истиот период се регистриани 47 случаи кои дошле од странство, известија кинеските здравствени власти. Вкупно досега се потврдени 474 ткн „увезени“ случаи. Станува збор главно за Кинези кои се враќаат во татковината, се наведува во објавата на министерството за надворешни работи.

Во последното деноноќие починале уште четири лица, од коишто три смртни исходи се пријавени во покраината Хубеи, чијшто административен центар Вухан кон крајот на декември беше првиот град на светот каде беше откриен новиот сој коронавирус кој го предизвика заболувањето означено како Covid-19.

Владата во Пекинг доцна во вторникот соопшти дека го укинува карантинот за околу 56 милиони луѓе во покраината Хубеи воведен во јануари, па сега може да патуваат сите жители, се разбира доколку се здрави. Некои аеродроми и железнички станици повторно работат. Меѓутоа, училиштата во оваа фаза сѐ уште остануваат затворени.

Сепак, жителите и оние лица кои се најдоа во Вухан пред прогласувањето на карантинот, ќе мора да почекаат до 8-ми април, за да можат да отпатуваат од градот.

Во Кина имаше повеќе од 81.000 заразени со Covid-19 и 3.281 починати. Бројот на новозаразените започна значително да паѓа од минатиот месец.

Состојбата во Кина сега е сосема поинаква отколку во остатокот од светот, каде што коронавирусот остро се шири и присилува сѐ повеќе земји да воведат ограничувања на движењето, воведување полициски час, затворање на јавните простори и слични мерки. Повеќе од 400.000 случаи се потврдени досега во 175 земји и територии.

Поради заразените кои доаѓаат надвор од Кина, се стравува од втор бран на болеста. Поради тоа, многу кинески градови воведуваат строги правила за изолација на луѓето кои доаѓаат од странство, па сите летови на меѓународните линии кон Пекинг се пренасочуваат во другите градови, каде што се тестираат патниците.