Се уриваа кафеански тераси во Дебар Маало

Инспекторатот на општина Центар денеска уриваше тераси на кафеани на улица „Аминта Трети” порано „Ленинова” во Дебар Маало.

Станува збор за диво подигнати тераси на тротоарите за кои, како што истакнаа од инспекторатот, сопствениците добиле решенија за уривање уште пред два месеца, а тоа досега не го сториле.

Сопствениците на терасите на кафаните тврдат дека нивните доградби не се дивоградби и се изградени од цврста градба, поточно затворени се со прозорци и врати и покриени со лимени покриви.

Урната беше и терасата на кафе-барот „Бастион”.

Кафе-барот “Бастион”, кој вработува повеќе од 30 лица, и е еден од најпосетуваните туристички и угостителски објекти во градот, веќе неколку пати, а во интерес на севкупната угостителска понуда во Општината се обидуваше да најде заемно решение со градоначалникот на Општина Центар, но, за жал, нашите напори беа залудни – пишува во дописот кој од кафе-барот „Бастион” го испратија до медиумите.