Се уште истрагата не е завршена, се чека извештајот на германските форензичари

Неотповикливи оставки по пожарот во кој загинаа 14 лица си поднесоа директорите на тетовската болница Флорим Бесими и Артан Етеми кои како што изјави премиерот денеска ќе бидат сменети веднаш по изборите.

Речиси еден месец по трагедијата со пожарот во тетовската модуларна болница остануваат познати само причините за избувнување на пожарот додека обвинителството го чека извештајот на германските форензичари кој ќе помогне да се утврди дали кај некој од надлежните постои и кривична одговорност. Тимот обвинители веќе неколку дена се во Скопје и сослушуваат членови на комисии коишто биле надлежни за поставувањето на модуларните болници. По објавениот извештај на МВР од завчера дека до пожарот дошло откако прегреал кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент, тетовскиот обвинител Бесир Алиу вели дека:

-Ова е само еден сегмент од истрагата, која што е далеку од завршена. Во интерес на јавноста беше објавено вештачењето на МВР, коешто се однесува само на еден дел и дава одговор на прашањето од каде избувнал пожарот. Но, истрагата е многу поширока и пообемна од тоа.- Бесир Алиу – ЈО Тетово за Дојче Веле.

Во меѓувреме премиерот Заев одлучи да не ги прифати оставките на министерот и заменик – министерот за здравство, а денеска го повтори ставот дека стои на одлуката која ја донел врз основа на утврденото од МВР. Од опозициската ВМРО ДПМНЕ повторно побараа од Филипче да поднесе неотповиклива оставка.

-Само Венко Филипче наместо да си замине реши да глуми. Сите институции делуваа во насока на заштита на Венко Филипче. ЈО наместо веднаш да ги повика на давање на искази и Филипче и Хасани цел месец се занимава со роднините на починатите. Истрагата се држи ниско без воопшто да се викне некој одговорен во институцијата, изјави Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак одговорија дека:

-ВМРО-ДПМНЕ не престануваат да ја политизираат несреќата и ги злоупотребуваат чувствата на семејствата на починатите во тетовската модуларна болница во дневно политички цели на крајно низок и неморален начин.-СДСМ.

Неотповикливи оставки по пожарот во кој загинаа 14 лица си поднесоа директорите на тетовската болница Флорим Бесими и Артан Етеми кои како што изјави премиерот денеска ќе бидат сменети веднаш по изборите.