Се вештачат електронси уреди дали уредникот на „ДоказМ“ соработувал со обвинители

Во мобилните телефони и компјутери се бараат докази дали обвинители навистина соработувале со сопственикот на интернет страницата Доказ М, Маријан Стаменковски.

Во кусиот одговор до МКД.мк за тоа дали се испитува и дали и обвинители се вмешани во објавувањето на информации за лица на неговата интернет страница кои потоа биле рекетирани, од ОЈО Скопје велат дека ќе се постапува ако има докази дека постојат елементи на кривично дело. Тој во судница неколку пати споменува дека му помагале обвинители.

Стаменовски пред неколку дена на јавна седница во Апелацискиот суд во Скопје го посочи обвинителот Сашо Рајчев како лице кое му било соработник за дел од информациите кои ги пласирал. Апелацискиот суд Скопје го одби барањето на обвинетиот Стаменковски за иземање на обвинителот Сашо Рајчев од случајот. По поднесеното барање одлучуваше Јавното обвинителство, бидејќи, вишиот јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи, исто така, беше споменат во барањето.

„Вештачењето на електронските уреди одземени при претресот на обвинетото лице е во тек. Обвинителството ќе постапува доколку со обезбедените докази со вештачењето бидат утврдени елементи на кривично дело“, стои во одговорот од Обвинителството за МКД,мк

Марјан Стаменковски беше приведен на 9-ти февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.

Надлежните уште тогаш се сомнева дека може да се пронајдат докази и за други кривични дела за што ОЈО Скопје води и втор предмет.

„Се надевам дека ќе стигнеме до нарачателите затоа што во таа насока и работиме и мислам дека доказниот материјал ќе го обезбедиме“, изјави за 360 Степени во март шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски, на прашањето дали ќе се откријат нарачателите на текстови што ги објавуваше „Доказ“ како дел од вториот случај поврзан со сопственикот на порталот, Марјан Стаменковски.

Бубевски вели дека една од тезите по кои се води ОЈО Скопје и за што постојат основани сомнежи е тоа дека некој нарачувал и плаќал за да се објавуваат текстови на „Доказ“, за што индикација биле и паричните средства во износ од околу 90.000 евра што се пронајдени при претресот на домот на сопственикот на порталот.

Стаменовски доби три години и еден месец затвор и 5.000 евра парична казна. Основниот кривичен суд Скопје му ја одреди ваквата казна за пет кривични дела за кои го прогласи за виновен.

Покрај тоа, судот му изрече и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно забрана да врши регистрација на домен на портал за време од 10 години, сметано од почетокот на правосилноста на пресудата, а престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.