Се вжешти битката за местото на Тереза Меј, Џонсон фаворит

Борбата за позициите од кои на 7-ми јуни официјално ќе се повлече британската премиерка Тереза Меј, се разгоре во саботата со пет кандидати кои сега ќе атакуваат на челната позиција кај владејачките конзервативци ии оттаму на премиерската должност, а чијашто главна задача ќе биде спроведување на процесот на истапување на Обединетото Кралство од Европската унија.

Тереза Меј во петокот осамена и со трогателно обраќање до нацијата ја објави својата оставка поради неуспехот во спроведувањето на процесот на брегзитот. Се очекува и дека поради новата ситуација, ќе бидат распишани нови парламентарни избори или дека премиерката ќе ја замени нов челник кој ќе бара поостро раздружување со ЕИ што може да доведе и до судир со Брисел.

Последен кандидат кој се прудружи во саботата во трката за наследник на Меј, е министерот за здравство Мет Хенкок. Пред него таквата амбиција ја изразија поранешниот министер за надворешни работи Борси Џонсон, актуелниот шеф на дипломатијата Џереми Хант, секретарот за мешународен развој Рори Стјуарт и поранешната министерка за труд и пензиски систем Естер Меквеј. Се проценува дека во трката за водство на земјата ќе се вклучат десетина кандидати. Министерот за трговија Лиам Фокс и поранешниот заменик министер за брегзит Стив Бејкер во саботата не ја отфрлија идејата дека и тие ќе се кандидираат.

Меј трипати не успеваше во парламентот да добие поддршка за договорот кој го постигна со Брисел, поради длабоките поделби за ЕУ особено во нејзината Конзервативна партија. Поради тоа, првичниот датум за „разводот“ од 29-ти март беше преместен на 31-ви октомври за да се почека да се постигне некаков компромис. Сите коишто го посакуваат нејзиното место тврдат дека ќе успеат каде што таа немаше успех, иако ЕУ истакна дека нема повторно да преговара за договорот кој во ноември го постигна со Меј.

„Секако дека мораме да го исполниме брегзитот… Мораме да предложиме договор кој ќе мине во парламентот,. Мораме да бидеме брутално искрени во постапките“, рече Хенкок за јавното радио на BBC.

Прашањето на брегзитот ќе доминира во острата борба за водството којашто ќе започне во седмица околу 10-ти јуни, кога конзервативните пратеници ќе го започнат изборит за наследник на премиерката. Анкетите покажуваат дека конзервативците во големо мнозинство се за излегување од ЕУ и оти преферираат тоа да го сторат без договор.

Поранешниот градоначалник на Лондон во два мандата и поранешен шеф на британската дипломатија, Борис Џонсон, е еден од најголемите фаворити за наследник на Тереза Меј. А тој тврди дека Обединетото Кралство мора да биде подготвено да излегување од ЕУ без договор, доколку не може да се постигне прифатлив договор. „Ќе ја напуштиме ЕУ на 31-ви октомври, со или без договор“, рече во петокот на стопанска конференција во Швајцарија/

Поделбата во Конзервативната партија околу членството во ЕУ доведоа до заминување од позициите на четворицате последни премиери: Тереза Меј, Дејвид Камерон, Џон Мејџор и Маргарет Тачер, а се чини дека овие раздори нема да минат наскоро.

Конзервативците, инаку, во британскиот парламент немаат мнозинство и по последните превремени избори во средината на 2017 година што се оценува како една од поголемите грешки на Меј неочекувано го загубија апсолутното мнозинство. Оттогаш владеат со поддршката од малата северноирска Демократска унионистичка партија (DUP) за да се одржи на власт.