Се залагам за поефикасни, транспарентни општини и унапредување на фискалната децентрализација, рече Арсовска

На денешниот настан по повод потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Градот Скопје и Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој, за проектот за воспоставување ново партнерство и овозможување подобро општинско буџетирање, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, истакна дека оваа соработка е значајна за да се зајакне одржливоста на локалните самоуправи. Таа истакна дека важно е унапредувањето процесот на фискална децентрализација, со цел да им се овозможи на општините потребната самостојност во делувањето за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните.

-Како претседателка на ЗЕЛС и градоначалничка на Скопје, во континуитет се залагам за создавање на поефикасни и поефективни институции на локално ниво, но мора и да се потенцира потребата од континуиран развој на политиките кои се воспоставуваат на национално ниво, со цел градење подобра соработка меѓу институциите од националната и локалната власт, како и за зајакнување на ефективноста и транспарентноста во работењето на општините, истакна Арсовска.

Градоначалничката посочи дека системското решавање на предизвиците поврзани со локалните самоуправи, особено во дел на зголемување на фискалната децентрализација и независност за општините. Ова е приоритет кој има навистина голема импликација врз функционирањето на општините, како и за општото добро со цел реализација на поголем број проекти насочени кон подобрување на дејствувањето во служба на нашите сограѓани.

-Позитивните реформи за зајакнување и зголемување на алатките за децентрализација можат да создадат добра основа за креирање на уште поповолни политики кои влијаат на локалното владеење, но и да го зајакнат гласот на ЕЛС во креирањето на националните политики, истакна Арсовска во своето обраќање.