Се затвора границата меѓу двете најнаселени австралиски држави поради Ковид-19

Границата меѓу двете најнаселени сојузни држави во Австралија, Нов Јужен Велс и Викторија, ќе биде затворена поради ширењето на коронавирусот во Мелбурн. Во изминатите две недели, во главниот град на Викторија се регистрирани стотици нови случаи на зараза, што е 95% од вкупниот број во Австралија.

Границата ќе биде затворена од среда и ќе можат да ја поминат само оние кои имаат посебна дозвола.

„Ова е мерка на претпазливост, што треба да ни помогне да го сопреме ширењето на вирусот. Ова е досега невидена ситуација во нашата земја“, изјави премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус, не навестувајќи до кога границата ќе остане затворена.

Ова е првпат по повеќе од 100 години двете држави да ја затворат границата. До неодамна, повеќето нови случаи беа луѓе дојдени од странство, а сега, 80% се резултат на локално пренесување. Во изминатите 24 часа, во Викторија се потврдени 127 нови случаи на зараза.

Минатата недела, 36 критични предградија на Мелбурн беа ставени во карантин, а викендов и девет станбени кули, на чии жители пет дена нема да им биде дозволено да излезат од дома.