Се затвораат дуќани, занаетчиите бараат поддршката да продолжи

25

Занаетчиите бараат да продолжи поддршката од државата за исплата на минималната плата и субвенции за придонеси додека трае кризата. Според претседателот на Занаетчиската комора и Регионалната занаетчиска комора на Куманово, Агро Фазлии, за десет дена се затворени десет дуќани, претежно фризери.

– Во моментов, би го споредил занаетчиството како пациент болен од КОВИД-19, ставен на респираторна машина. Ако престанат мерките на Владата, занаетчиите ќе ги снема, ќе престанат со работа. Затоа ние побаравме и од оваа и од идната влада што ќе дојде да ги земе предвид нашите барања и да не престане со помош на занаетчиите. Тоа значи дека бараме минимална плата и 100 проценти субвенции додека трае кризата, а наше мислење е дека кризата нема брзо да престане. Доаѓаат септември, октомври, ризични месеци така што бараме до март 2021 година да не престане поддршката, изјави Фазлии.

Во овој период, оцени, криза трпат занаетчиите кои се поврзани со организација на свадби и други веселби, како што се фризери, козметичари, фотографи, кројачи кои речиси и не остваруваат приходи.

На ниво на државата има шест илјади самостојни занаетчии, но со новиот закон се опфатени сите фирми што вршат занаетчиска дејност, приближно околу 20.000. Во Куманово има 600 занаетчии, невклучувајќи ги фирмите.

(МИА)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.