Се затвораат градинките и основните училишта во Грција

Основните училишта, забавиштата и градинките во Грција од понеделник до 30 ноември ќе бидат затворени, а учениците наставата ќе ја следат онлајн (во попладневните часови) и преку едукативната програма на грчката национална телевизија..

Одлуката на грчката Влада, која претпладнево ја соопштија надлежните министри на вонредна прес-конференција во Министерството за здравство на Грција, доаѓа по препорака на Комисијата на епидемиолози за да се намали раздвиженоста на возрасните.

Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, објасни дека препораката на комисијата е врз основа на интензивната раздвиженост на родителите, бабите и дедовци, кои ги земаат или носат децата на училиште, како и од наставници и вработените.

– Предност има јавното здравје, основните училишта беа последното нешто што сакавме да се затвори и ова, само по себе е порака до сите за тоа колку е сериозна ситуацијата – рече Кикиљас.

Министерката за образование на Грција, Ники Керамеос објасни дека во следните две седмици, основните училишта и забавиштата ќе работат на два начина: со часови преку едукативната телевизиска програма од државната ТВ и со современа онлајн настава.

Онлајн часовите во траење од 30 минути ќе бидат задолжителни, а наставата ќе се одвива во попладневните часови, за што Керамеос објасни дека биле земени предвид две причини: за да им се олесни на родителите, кои можеби имаат поголеми деца, односно средношколци кои следат настава претпладне, или можеби работат од дома и сите ја користат истата опрема, но и за да се намали истовременото користење на интернет мрежата од вработените, средношколците, учениците, студентите итн.

Паралелно и таа истакна дека основните училишта се затвораат превентивно за да се намали раздвиженоста на возрасните.

Министерот за внатрешни работи на Грција Такис Теодорикакос рече дека за вработените во државниот сектор кои имаат деца што одат во градинка или во основно училиште, предвидено е или намалено работно време или користење специјално отсуство.

Со почетокот на вториот карантин во саботата, се затворија средните училишта, но и сите универзитети, а средношколците и студентите следат онлајн настава и онлајн предавања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.