Се зголемува брoјот на независни кандидати за локалните избори

Државната изборна комисија информира дека до вчера, 23 август, потписи за кандидирање на локалните избори собрале независни кандидати од неколку општини, а потписи се собрани и за советнички листи. Собирањето потписи во подрачните единици и канцеларии на ДИК и пред овластени нотари продолжува до 30 август на полноќ.

Потписи за независни кандидати за градоначалници се собираат во Битола, Врапчиште, Македонска Каменица, Росоман, во Кичево каде што кандидатот Фатмир Лимани веќе собра 422 потписи, во Охрид каде што Сенат Усеиноски исто така собра 380 потписи од граѓани и постапката е завршена, во Прилеп каде што Жарко Стеваноски исто така собрал повеќе од доволно потписи -386. За сите нив постапката е завршена.

Потписи за кандидат за градоначалник се собираат и во Свети Николе, во Струга, во Василево, во Брвеница, додека независниот кандидат за градоначалник на Општина Илинден Жика Стојановски собрал 199 потписи. Во Чаир Јован Пејовски собрал 110 потписи. И за двајцата постапката е завршена. Потписи се собираат и во Чучер-Сандево.

За Град Скопје за градоначалник независна кандидатура има поднесено Ана Петровска за која досега се потпишале 1 096 граѓани. Во Скопје 1 112 потписи се собрани и за советничката листа предводена од Драгана Велковска.

Потписи за советнички листи се собираат во Могила за две листи, исто така во Македонски Брод за две листи, Виница, Маврово и Ростуше, Македонска Каменица за две листи.

Собирањето потписи е завршено за листите за советници за Кавадарци предводени од Петар Камчевски и Ристо Сакалиев, за Кичево каде предводи Агим Садику, за Кочани каде ја предводи Аки Акиев, за Чешиново-Облешево, Франческо Наков.

Потписи за кандидатски листи за советници се собираат и во Зрновци, за две во Куманово и за Демир Капија. Собирањето потписи е завршено и за листите за советници во Охрид предводени од  Арбен Демироски, Антонио Наумовски и Димитар Велјановски, додека се уште се собираат потписи за кандидатската листа за овој град предводена од Стевче Стевовски.

Во Прилеп завршено е собирањето потписи за кандидатската листа предводена од Дарко Конески. Се собираат потписи и за листа за советници за Долнени, за Свети Николе, за Тетово, за Гази Баба, Карпош. Завршено е собирањето на потписи за независните листи за советници за Велес предводена од Гарп Немиш. Во Општина Центар предводена од Јана Белчева Андреевска и за Чаир предводена од Мирослав Славковиќ.

Се собираат потписи за две предлог-кандидатски листи за Чучер-Сандево.

Собирањето потписи за независни кандидати за градоначалници и советнички листи започна на 16 август. Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот. Собирањето на потписи трае заклучно со 30 август.