Се зголемува заштитата на децата од злоупотреба и користење за питачење

Со нови закони ќе се заштитуваат децата кои се приморани да питачат.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, заедно со директорот на ЈУМЦСР-Скопје, Билјана Јарчевска,  и директорoт  на Клиника за детски болести, Аспазија Софијанова одржаа прес конференција за медиумите на која информираа за измените во Законот за семејство.

“Со новите измени на Законот за семејство кои стапија во сила оваа недела, на јасен, прeзициран и унифициран начин се уредува  заштита на децата од злоупотреба од питачење и се овозможува недвосмислена грижа за спречување на злоупотребата на децата”, рече Спасов.

Тој нагласи дека министерството за труд и социјална политика и досега превземаше мерки за да се справи  со питачењето на децата на улица, кое како појава најдиректно ги загрозува правата на децата и претставува ризик по нивното здравје и правилен развој.

“Со овие измени, се стремиме да постигнеме прецизирање на одредбите кои се однесуваат на злоупотреба и грубо занемарување на вршењето на родителските должности од страна на родителите со цел обезбедување поголема заштита на децата“, нагласи министерот.

Тој ги појасни дека наведувањето на детето на питачење или користење на детето за питачење ќе се смета за злоупотреба и грубо занемарување на вршење на родителските должности и се прецизира постапувањето на центарот за социјална работа.  Ако, центарот за социјална работа, ќе утврди дека родителот го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење,центарот за социјални работи ќе му укаже на родителот за недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право, задолжително ќе донесе решение за постојан надзор над вршењето на родителското право и ќе спроведе стручно советодавна работа со родителите и со детето. Доколку повторно родителот го прати своето дете на улица да пита, тогаш центарот за социјална работа, веднаш времено ќе го одземе детето од родителот, покренува постапка за одземање на родителското право пред надлежен суд и задолжително  поднесува кривична пријава против родителот кој го злоупотребува и занемарува родителското право. Детето ќе му се одземе на родителот ако со наведувањето на детето на питачење или со користење на детето за питачење, родителот го довел во опасност животот на детето.

Заради реализација на целите поради кои се направени измените на Законот, а со цел обезбедување на  животот и здравјето на  децата, Министерството за труд и социјална политика воведува три нови задолженија за Центрите за социјална работа, меѓу тие е задолжителен здравствен преглед за децата питачи во здравствените установи,  при што ќе се изврши проверка на крвта и урина со цел утврдување на одредени заразни заболувања или користење на дрога или други психотропни супстанци.

Здравствениот преглед на децата од Скопје и околината до 14 годишна возраст ќе се врши во Клиниката за детски болести во Скопје, а за децата над 14 годишна возраст здравствениот преглед ќе се врши во Клиниката за токсикологија. Трошоците ќе бидат подмирени од страна на министерството за труд и социјална политика.

Граганите ќе можат да и понатаму да пријавуваат вакви случаи на бесплатната телефонска линија 15505 .

На крајот министерот Спасов нагласи дека питачењето е долготраен проблем кој бара системски и издржани решенија и дека   неговото решавање е превенцијата, и меѓуинституционалната соработка и нивната навремена реакција.