5.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Сеад Кочан се разболе пет дена пред да оди во затвор

Осудениот бизнисмен Сеад Кочан, кој на 17 јули треба да почне да ја отслужува затворската казна од 4 години и осум месеци, е примен на лекување во една приватна болница во Скопје.

Информацијата ја потврдуваат и од Основниот кривичен суд од каде велат дека Кочан бара да се одложи одењето во затвор.

Тој веќе еднаш бараше одлагање на извршувањето на затворската казна, но судот го одби барањето.

Бизнисменот е осуден во предметот „Труст“ на СЈО. Тој е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Второобвинетиот, Василие Авировиќ, исто така беше осуден на затвор од три години, но Апелацискиот суд му ја преиначи казната и му одреди условна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Третиот кој беше обвинет во предметот, Сафет Ватиќ, доби ослободителна пресуда.

Во обвинението на СЈО се најдоа и три фирми, „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“, од кои третата беше ослободена. За другите судот одреди и конфискација на имот од околу 17 милиони евра.

„Труст“ се однесуваше на добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација.