Седлоски ја напушта клупата на ФК Вардар

Шефот на стручниот штаб на ФК Вардар, долгогодишниот капитен на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, неочекувано во вторникот поднесе оставка од местото, потврдија од актуелниот македонсии првак.

„Јас, Гоце Седлоски денес донесов одлука да си поднесам оставка од местото шеф на стручен штаб на ФК Вардар, за доброто на сите во клубот. Ова размислував да го направам уште после вториот натпревар со ФК Копенхаген којшто го загубивме. Сепак, успеав да соберам сили и да го започнам македонското првенство. После загубениот натпревар со Шкендија, овие два дена размислував добро и денеска ја донесов оваа одлука. Тие два порази ме погодија многу бидејќи јас како човек не сум навикнат да губам, но и фудбалскиот клуб Вардар не е навикнат на порази“, вели Седловски во писмената изјава.

Додава дека е горд на постигнатото.

„Успеавме да освоиме две титули во две години, а горд сум и на победата над Малме и пласманот во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, како и домашната победа со Копенхаген. Сакам да им се заблагодарам на играчите, управата и до сопственикот г-динот Сергеј Самсоненко од кој имав несебична поддршка во целиот период. Благодарност и до сите вработени во Фудбалскиот клуб Вардар. Жалам, дојде време да се разделиме. На фудбалскиот клуб Вардар му посакувам успех на европска сцена во плеј-офот од Лигата на Европа против Фенербахче, како и во домашното првенство и Купот на Македонија“, се наведува во писмената изјава на Седловски.