Седницата за разрешувањето на Зврлевски ќе продолжи в петок

Собранието на Република Македонија и после 18 часот ја продолжи расправата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски со серија реплики и контрареплики од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на обраќањето на нивната сопартијка Весна Пемова. Расправата ќе продолжи в петок.

Во процедурално обраќање Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да ја прекине денешната седница и да сочека да го добие известувањето дали со расправата се криши Изборниот законик или не, за, како што рече, да не се кршат процедурите, на што Џафери одговори дека се работи согласно Уставот и Деловникот на Собранието.

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ во своето излагање порача дека во земјава има многу побитни прашања отколку по итна постапка да се разреши државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Барањето за разрешување, посочи, е за да се дефокусира јавноста и да се скријат штетните договори и одлуки што ги носи новата власт.

По неговото излагање, исто така, следеше нова серија на реплики и контрареплики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

По завршувањето на репликите и контрарепликите претседателот на Собранието ја прекина работата по дневниот ред на 6-тата седницата и нејзиното продолжение го закажа за в петок во 11 часот.

На дневен ред на седницата се уште 31 точка меѓу кои и Годишниот извештај на Народниот правобранител за почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права, Информацијата за состојбата со дивата депонија во Струга, Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, Предлог-одлуката за одобрување на Финансискиот план на Македонската радио телевизија за 2017 година, Предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2017 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.