Седум јагленосани тела утрово сe извлечени од вагон – се зголемува бројот на загинати во железничката несреќа во Грција

Седум јагленосани тела на патници биле утрово извлечени од остатоците од еден од вагоните, со што бројот на загинати во железничката несреќа во Грција се зголеми на 46 лица, според официјалните податоци од Противпожарната служба.

Портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василиос Ватракојанис информираше дека операцијата за пребарување и извлекување на местото на железничката несреќа продолжува и денеска, а во моментов активностите се насочени кон вагонот- ресторан, кој поради јачината на судирот бил згмечен од првиот вагон.

– Се отстранува патничкиот вагон што е врз него, а потоа ќе се отстрани компресираниот вагон-ресторан што е во форма на буквата „Г“. Од овој вагон утринава се извлечени вкупно седум јагленосани тела. Потврдениот број на загинати во овој момент е 46, рече Ватракојанис.

Објасни дека за продолжување на акцијата за пребарување и спасување ќе треба да се пресечат метали со специјални машини и делумно да се отстранат метални елементи и процените се дека конкретниот вагон до пладне ќе се отстрани, а за останатите ќе биде неопходно операцијата да продолжи утре.

Целата операција се води под тешки услови, а повремениот дожд дополнително ја отежнува акцијата.