Седум бомбаши-самоубијци ги извршиле нападите во Шри Ланка

Во серијата координирани бомбашки напади загинаа 290 луѓе, а околу 500 се повредени.

Меѓународна мрежа помогнала да се извршат крвавите напади на католичкиот Велигден во неделата во Шри Ланка, рече министерот за здравство. Нападите ги извршиле седум бомбаши-самоубијци од локалната милитантна група наречена Национал Товет Јамат.

Во серијата координирани бомбашки напади загинаа 290 луѓе, а околу 500 се повредени.

Сите напаѓачи биле граѓани на Шри Ланка, но властите се сомневаат дека имале врски со странство.

„Не веруваме дека овие напади биле извршени од група на луѓе само од оваа земја“, рече денеска министерот за здравство, исхрана и домородна медицина, Рајита Сенаратне.

Тој истакна дека постои „меѓународна мрежа“ без која нападите „немаше да успеат“.

Бомбаши-самоубијци активираа експлозиви во неколку хотели и католички цркви во различни делови на Шри Ланка. Беше погоден и станбен комплекс, а беше пронајдена и деактивирана бомба и во близина на меѓународниот аеродром во Коломбо.

Вкупно 24 лица се уапсени во врска со нападите, но ниедна група сè уште ја нема преземено одговорноста за бомбашките напади.

Национал Товет Јамат е радикална муслиманска група во Шри Ланка. Според Њујорк тајмс, таа „промовира исламистичка терористичка идеологија“.