Седум земји членки на Европската унија повикаа во четвртокот да ги одложат планираните ограничувања на емисиите за производителите на автомобили, велејќи дека тоа ќе ја задуши европската конкурентност.
Според европските правила, производителите на автомобили се соочуваат со казни доколку ги надминат ограничувањата за емисија на CO2 кои треба да станат построги во 2025 година.
„Таквите казни во голема мера ќе ја ограничат способноста на индустријата да реинвестира во пронајдоци и развој и ќе и наштетат на конкурентноста на Европа на глобално ниво“, се вели во документот претставен на министерскиот состанок во Брисел.
Документот беше поддржан во прв ред од Италија, како и од Полска, Австрија, Бугарија, Чешка, Романија и Словачка. Овие земји повикаа на воведување попрагматична временска рамка.
Германските претставници на предлогот реагираа со скептицизам. На прашањето зошто Германија не го потпиша документот, министерот Бернхард Клутиг рече дека е важно автомобилската индустрија да ги постигне своите цели.
Во меѓувреме, Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија (EPP) во Европскиот парламент, за магазинот Fokus изјави: „Кога се работи за работните места, како што е случајот сега, државата не може да бара од корпорациите да плаќаат многу“.