Седум држави го затворија воздушниот простор за авиокомпаниите од Белорусија, меѓу нив е и Македонија

Седум земји кои не се членки на Европска Унија се приклучија на одлуката на ЕУ да го затворат својот воздушен простор за белоруските авиокомпании, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка се приклучија на одлуката на Советот на ЕУ од 4 јуни, со која се забрануваат прелети над воздушниот простор на ЕУ и пристап до аеродромите на ЕУ на сите авиопревозници од Белорусија.

Одлуката за забрана за прелети и за пристап до аеродромите е поради принудното приземјувањето на авион на Рајанер во Минск на 23 мај, кој сообраќаше од Атина за Вилнус, при што беше приведен новинарот Роман Праташевич и неговата партнерка, Софија Сапега.

Поради инцидентот од 23 мај денеска САД, Обединетото Кралство, Канада и ЕУ координирано воведоа санкции кон Белорусија.