Седум лица убиени при егзорцизам, меѓу нив бремена жена и пет деца

Полицијата во Панама пронајдe седум тела во масовна гробница во домородна област на северозападот на земјата, контролирана од верска секта. Меѓу нив била бремена жена и пет деца.
Панамските власти веруваат дека некои членови на сектата извршиле егзорцизам над жртвите. Десет лица се уапсени под сомнение за убиство.
Уште 15 заложници биле пронајдени во просториите на сектата, кои биле ослободени од страна на полицијата, пренесе Би-би-си.

Обвинителот Рафаел Балојес изјави дека полицијата ја открила масовната гробница откако локалното население изминатиот викенд ги алармирало властите дека староседелската црква киднапирала неколку семејства.

Областа каде се пронајдени телата е оддалечена околу 250 километри од градот Панама и е дом на религиозната секта Нова божја светлина.

„Тие спровеле ритуал и ги држеле луѓето заробени против нивна волја. Жртвите кои одбиле да се покајат за гревовите за кои биле обвинети, биле убиени во обредот“, објаснил Балојес.

Извор близок на истрагата за АФП изјавил дека еден од уапсените е татко на убиената бремена жена.